СКОПЈЕ, 18.04.2011 – Членови на Советот за радиодифузија (СРД), раководството на Здружението на новинарите (ЗНМ), претставници од невладината МОСТ и од останатиот граѓанскиот сектор и медиумите денеска заеднички ги разгледаа, ги коментираа и ги доусовршуваа правилниците за медиумското покривање на изборите пред кампањата и за време на изборната кампања, што во нацрт верзија ги понуди СРД.
„Задоволство ми е што можам да констатирам дека заедно со претставниците на ЗНМ и на граѓанскиот сектор со широк консензус дефиниравме правила за медиумско покривање на изборите, коишто максимално ќе ја гарантираат избалансираноста при известувањето, а притоа нема да задираат во уредувачката политика и негативно да влијаат врз креативноста на медиумските професионалци. Целта на СРД останува поддршка на плурализмот во радиодифузијата како и заштитата на слободното информирање.“ – рече претседателот на СРД, Зоран Стефаноски по завршувањето на средбата.
По средбата со медиумите и граѓанскиот сектор и дефинирањето на регулациската рамка за медиумското покривање на изборите, пред да ги усвои конечните текстови на правилниците, СРД во духот на максимална транспарентност и инклузивност, советувањата ќе ги продолжи и со Државната изборна комисија. При изготвувањето на финалната верзија на правилниците СРД предвид ќе ги земе сите конструктивни коментари и правно-издржани забелешки.