СКОПЈЕ, 03.05.2011 – Советот за радиодифузија (СРД) на сите медиуми им го честита денешниот Меѓународен ден на слободата на медиумите, којшто има цел промовирање и подигнување на свеста за значењето на слободата и независноста на медиумите – притоа потсетувајќи ги државните институции за нивната обврска да го почитуваат и поддржуваат правото на слободата на изразување.
Слободата на медиумите секогаш мора да се унапредува, зашто таа исто како и демократизацијата е процес кој нема крај, а кој треба само да се усовршува. Оттука, демократските општества треба да тежнеат кон создавање рамковни услови за поттикнување и унапредување на слободата на изразувањето и слободата на медиумите. Општествениот плурализам мора да најде свој одраз во медиумскиот плурализам и да дејствува во полза на јавниот интерес.
Без разлика која идеологија можат да имаат владите, тие мораат јасно и конкретно да се залагаат да обезбедат услови за демократизација како на комерцијалните медиуми, така и на јавниот радиодифузен сервис, макар тоа и да носи негативни политички поени. Еден од главните столбови на демократските општества се токму слободните медиуми.
СРД исто така ги повикува сите медиуми на професионално и коректно известување за политичките активности во предизборниот период.
СРД очекува следниот Меѓународен ден на слободата на медиумите, Р. Македонија да го дочека со повисоки оценки за слободата на медиумите во земјава.