17.06.2011г. Демант на Советот за радиодифузија на последните обвинувања за наводно незаконско работење

СКОПЈЕ, 17 јуни 2011 – Советот за радиодифузија категорично ги демантира и ги отфрла обвинувањата против СРД, изнесени во неколку медиуми во однос на намирувањето на долгот на А1 Телевизија кон регулаторното тело за надоместокот на дозволата за вршење радиодифузна дејност.

Советот за радиодифузија ги демантира следните обвинувања:
Договор за цесија, односно пресметка. Според Законот за облигационите односи и Законот за платен промет цесијата е дозволена како начин на намирување на долговите. Овој начин на плаќање е дозволен и кога должникот има блокирана сметка, доколку трансакцијата е реализирана заклучно со 31.12.2011.
Злосторничко здружување. Оттука е неточно тврдењето дека Советот за радиодифузија, СДСМ и А1 Телевизија заедно формирале какво било злосторничко здружување, бидејќи таквото здружување постои само тогаш кога се работи за криминално правно недозволена активност.
Финансирање на СРД од политичка партија. Воопшто не е точно дека СРД се финансира од политички партии, зашто средствата што му биле префрлени на СРД се всушност средства на А1 Телевизија, односно нејзино побарување спрема СДСМ по основ на платено политичко рекламирање согласно Изборниот законик.
СРД не смее да се финансира од трговски зделки – цесија. Со оглед на тоа што во конкретниот случај станува збор за средства на радиодифузер, наменети за намирување на надоместокот за дозволата вршење радиодифузна дејност, не е повреден ниту еден закон, напротив регуларно се спроведени одредбите од Законот за радиодифузната дејност, Изборниот законик, Законот за облигационите односи и Законот за платниот промет.
Поради горенаведеното Советот за радиодифузија уште еднаш потврдува дека работи согласно важечките закони во Р. Македонија и сите неосновани обвинувања ги смета за обид за уривање на независноста и на угледот на СРД, што ги гради како едно од најстарите регулаторни тела за медиуми во регионот.


Accessibility

Accessibility