07.03.2012г. СРД иницираше дијалог меѓу реемитувачите на странски канали и останатите чинители со цел подобрување на програмската понуда

СКОПЈЕ, 7 март 2012 – Надминувањето на актуелните правни проблеми околу реемитувањето на јавните телевизиски програмски сервиси од Хрватска, Црна Гора и Словенија во Македонија беше тема на денешниот состанок, што се одржа во Советот за радиодифузија (СРД) на кој присуствуваа претставници од операторите на јавните комуникациски мрежи како и претставници од амбасадите на овие земји.

Учесниците во разговорите заклучија дека е неопходно проактивно да се ангажираат сите чинители, вклучително и Здружението за заштита на авторските права – ЗАМП, со цел дополнително да се подигне квалитетот на програмските пакети, што операторите им ги нудат на нивните претплатници.

На овој состанок се разговараше и за финансиските и правните прашања во однос на преведувањето на македонски (или локализација) на странските телевизиски канали, коишто се реемитуваат во земјата заради нивна поголема достапност до публиката. Во оваа насока беше најавен поголем ангажман како од страна на операторите, така и од страна на странските иматели на права.

Во моментов операторите на македонските гледачи им нудат 13 странски телевизиски канали, од кои 12 се со титл на македонски, а еден е натсинхронизиран.  Додадената вредност на локализацијата на странските канали е зачувување на македонскиот културен идентитет.



Accessibility

Accessibility