Советот за радиодифузија заедно со Агенцијата за електронски комуникации изработи веб апликација која е дополнителен модул на „Системот за електронски регистер на јавни комуникациски мрежи“. Станува збор за проект кој е резултат на Меморандумот за соработка помеѓу СРД и АЕК потпишан во јуни 2012 година.
Веб апликацијата ќе послужи за: стручен надзор на операторите на јавни комуникациски мрежи, во поглед на програмските сервиси и програмските пакети кои ги реемитуваат, пристап кон податоците преку интернет во кое било време и од кое било место преку постоечката ГИС платформа во АЕК, визуализирање на територијата на која се реемитуваат програмските сервиси, со што се создаваат услови за дополнителни анализи на податоците за користење на услугите на операторите од страна на крајните корисници како и просторно мапирање на извршените стручни надзори, со цел стручните надзори да бидат рамномерно застапени на целата територија на Република Македонија.
‘’Соработката помеѓу СРД и АЕК во изработката на веб апликацијата овозможува сплотување на капацитетите на двете инстиитуции, се избегна вишок на податоците и се овозможи реализација на исклучително важен проект. Соработката помеѓу двете институции се базира на принципот податоците да се создаваат и ажурираат од надлежна институција додека останатите субјекти пристапуваат до потребните податоци преку веб сервиси. СРД и АЕК и понатаму ќе ја продолжат соработката на проекти кои се значајни за развојот на Република Македонија“, се согласуваат првите луѓе на СРД и АЕК, г. Зоран Трајчевски и г. Роберт Орданоски.
Со реализацијата на овој проект се поттикнуваат и другите институции да ја развиваат електронската размена на податоци преку веб сервиси и се придонесува во изградбата на Националната Инфраструктура на Просторни Податоци (НИПП), која е особено значајна за развојот на Република Македонија.