Советот за радиодифузија на РМ уште еднаш ги потсетува телевизиите и радијата дека во периодот до почетокот на изборната кампања не смеат да емитуваат содржини со кои непосредно или посредно промовираат ставови, програми, платформи, достигнувања, активности и др. на политички партии, коалиции, групи избирачи и нивни претставници.
Исто така, не е дозволено да се емитуваат платено политичко рекламирање, ниту огласи и реклами на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, финансирани од Буџетот на РМ, од буџетите на општините и на градот Скопје.
Информирањето за подготовките за избори, односно за изборните активности пред започнувањето на изборната кампања на политичките партии, коалиции, групи избирачи и нивни претставници, радиодифузерите треба да го концентрираат во дневно-информативни емисии (вести и дневници). Изборите можат да бидат тема и на посебни информативни емисии, но доколку во нив учествуваат политичари – треба да се обезбеди рамноправна застапеност на политичките субјекти и од власта и од опозицијата. Во посебните информативни емисии не смеат да учествуваат потврдени кандидати од страна на надлежните изборни органи.
Против медиумите кои нема да ја почитуваат изборната регулатива во периодот пред започнување на изборната кампања, ќе бидат покренати прекршочни постапки, согласно Изборниот законик.