29.01.2014г. Соопштение за јавност

image_pdfimage_print

Агенцијата за аудио и aудиовизуелни медиумски услуги на Република Македонија на 04-та седница која се одржа на 28.01.2014, ги усвои Концептот за мониторинг на радио и телевизиските програмски сервиси и Mетодологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радиотелевизиските програмски сервиси за време на изборни процеси.

Концептот се однесува само на изборниот процес во 2014 година, додека Методологијата е генерален документ кој се однесува на сите изборни процеси.

Концептот ги утврдува периодите на мониторинг (од распишување на избори до кампања, прв и втор круг изборна кампања и изборен молк), опфатот на медиуми, примерокот од нивната програма што ќе биде предмет на анализа и начинот на реализација и потребниот број на надворешни соработници за реализација на мониторингот.

Методологијата детално објаснува како ќе се прави мониторинг на сите законски одредби поврзани со медиумското известување. Методологијата дава преглед на релевантната правна рамка, ги утврдува целите на мониторингот, предметот и методот на мониторингот. Во рамките на методот, е дефинирано кои квантитативни и квалитативни аспекти ќе се анализираат во дневно-информативните програми и на кој начин; потоа кои прашања се важни за посебните информативни програми (интервјуа, дебати, РА/ТВ соочувања и сл.); што се ќе се мониторира во облиците на директен пристап до публиката/гласачите (бесплатно политичко претставување и платено политичко рекламирање) и што се ќе се смета за прекршување на изборниот молк.

Целиот текст на Концептот и Методологијата може да се преземе од насловната страна на веб-страницата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

На 5-тата седница, одржана на 29.01.2014 година, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за неисполнување на обврските за емитување вокална и/или вокално- инструментална музика, согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги им изрече мерка опомена на РА Рос Метрополис, Првиот програмски сервис на Македонската телевизија, Вториот програмски сервис на Македонската телевизија, ТВ Алфа, ТВ Телма, ТВ Канал 5, ТВ Алсат – М и ТВ Сител.

Преземените мерки, со детално образложение се објавени на веб-страницата на Агенцијата.

Агенцијата ја усвои и Нацрт – Програмата за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на РМ во 2014 година (Програма за планирани активности) и согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, отвора јавна расправа и ги повикува сите заинтересирани страни, во рок од 30 дена од денот на нејзиното објавување, да ги изразат своите мислења, гледишта и ставови. Текстот на Нацрт – Програмата е објавен на веб-страницата на Агенцијата.



Accessibility

Accessibility