Агенцијата најостро реагира за неточните наводи изнесени во текст на порталот Либертас за злоупотреба на пари од ИПА

image_pdfimage_print

Денес, 25 јуни 2014 година, на насловната страна на порталот Либертас е објавен текст со наслов „Брисел проверува каде завршиле 3 милиони евра од ИПА: Под лупа Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги”. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро реагира за неточните наводи изнесени во споменатиот текст.

Во моментов, во фаза на реализација е само еден проект од ИПА 2009 „Зајакнување на административните капацитети на регулаторните тела за телекомуникации и медиуми за ефикасно регулирање на новите дигитални и повеќенаменски сервиси“, чиј корисник е и Агенцијата за електронски комуникации. Вкупната вредност на проектот е 900 000 евра и тие се рамномерно распределени меѓу двете Агенции. Плаќањата не ги вршат корисниците на проектот туку тие се реализираат преку Министерството за финансии на Република Македонија.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги аплицираше за уште еден проект ИПА 2011 „Слобода на изразување – Поддршка на медиумски реформи“, во чии рамки придонесот на Европската унија е 1.460.000 евра. Негови корисници се и следниве институции: Здружението на новинарите на Македонија, Комисијата за заштита на конкуренцијата и Македонската радиотелевизија. Меѓутоа, реализацијата на овој проект ќе започне најрано следната година.

Со невистините изнесени во текстот и се нанесува огромна штета на само на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги туку и на Република Македонија воопшто. Агенцијата најодговорно тврди дека не се направени злоупотреби во однос на финансиските средства ниту пак во Агенцијата има „инспектори на Европската служба за борба против измами – ОЛАФ„ кои ги „чешлаат архивите на Агенцијата за да утврдат каде и како се трошени парите“ ниту пак се водени поединечни интервјуа со вработените.

Од овие причини, побарано е од порталот „Либертас“ да и се извини на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за изречените невистини и клевети. Во спротивно, Агенцијата ќе биде принудена да покрене постапка пред надлежниот суд за нарушување на нејзиниот углед.



Accessibility

Accessibility