Скопје, 25.01.2016г. – Интернет порталот Либертас, денеска објави допис од претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите г-ѓа Дуња Мијатовиќ до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, под наслов „Скандалозно: Зоран Трајчевски ја молел Дуња Мијатовиќ да каже дека нема потреба од медиумски реформи“. Објавениот допис од г-ѓа Мијатовиќ е одговор на претходно писмо што Агенцијата го упати до неа во декември минатата година, а кое регулаторното тело го објавува во прилог на оваа реакција со цел да придонесе за објективноста и точноста во известувањето.
Како што е познато, Канцеларијата на г-ѓа Дуња Мијатовиќ, претставничка за слобода на изразување при ОБСЕ, имаше активна улога при носењето на медиумското законодавство во РМ во 2013 година, при што се инсистираше на транспарентност. Истовремено, од страна на ОБСЕ беше нагласено дека ваквиот пристап мора да биде почитуван при било какви измени на законите за медиуми.
Токму во овој контекст, Агенцијата испрати допис од кој јасно се гледа дека единствената цел на регулаторното тело беше да ја извести канцеларијата на Мијатовиќ дека законите за медиуми се предмет на политичко преговарање, наместо на отворена јавна дебата со сите релевантни чинители, што впрочем беше побарано и од новинарските здруженија. Во ниту еден момент не е побарано ОБСЕ да каже дали има потреба од медиумски реформи или не.
Дописот кој Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, го испрати до ѓ-ѓа Дуња Мијатовиќ, претставничка на ОБСЕ за слобода на медиумите во месец декември 2015 година, може да се преземе на следниот линк