Одржана средба со амбасадорите Бејли и Орав

image_pdfimage_print

Скопје, 05.02.2016г. Вчера, во просториите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беше одржана средба со амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав.

Средбата е во рамките на мисијата на ЕУ и САД, во периодот пред распуштањето на Собранието на Република Македонија и не подоцна од 20 февруари, во консултации со меѓународни и локални експерти, да оценат дали се исполнети условите да се одржат кредибилни избори на 24 април.

При оценувањето, како што посочија амбасадорите Бејли и Орав, ќе се имаат предвид неколку мерки за кои всушност има мерливи критериуми: пречистен избирачки список, работењето на Државната изборна комисија, слободата на медиумите и слободното учество на гласачите на изборите – без заплашување. Во однос на медиумите беше потенциран фактот дека при оценувањето на избалансираноста во медиумското известување особено е важен тонот на известувањето како и дека оценката за избалансираност е предмет на подолготрајна и посложена анализа.

Директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски истакна дека според податоците од мониторингот што го прави Агенцијата, најголемиот дел од медиумите никогаш не известувале избалансираново изборниот период, поради што на сите радиодифузери кои го прекршиле законот им се изрекувани мерки. Оттука и заклучокот дека генерално, проблемот не е во законските решенија туку во начинот на кој радиодифузерите го практикуваат новинарството. Со оглед на тоа што треба да се работи во насока на зголемување на свеста на радиодифузерите за почитување на изборната регулатива, Агенцијата, како и при сите други изборни процеси, во претстојниот период планира да одржи обуки за новинарите и уредниците во медиумите.

 



Accessibility

Accessibility