Првиот јавен состанок за 2016 година Агенцијата го посвети на професионалните новинарски принципи

image_pdfimage_print

Скопје, 25.03.2016г. – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во согласност со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го одржа првиот јавен состанок за 2016 година.

Директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски ги презентираше активностите кои Агенцијата ги реализираше во изминатото тромесечие – спроведените надзори, изречените мерки, одземените дозволи поради неплаќање на годишниот надоместок за дозвола,доделувањето на една дозвола за телевизиско емитување преку јавна електронска комуникациска мрежа која не користи ограничен ресурс, на локално ниво на подрачјето на општина Тетово.

Информираше и за активностите на полето на европска интеграција, донесените одлуки за промена на сопственичка структура, постапувањето по преставки и предлози, изработените анализи – за поведените управни спорови против одлуките на Агенцијата; за поведените прекршочни постапки;  за мерките преземени од страна на Агенцијата поради непочитување на законските одредби; за следењето на сопственичката структура на радиодифузерите и на нивните обврски во поглед на транспарентноста на сопственоста и на  изворите на финансирање; студијата за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за радио емитување на локално ниво, на подрачјето на град Гостивар. За потребите на Агенцијата, беше изработено Истражување за досегот на радиостаниците и за уделот во вкупната гледаност на телевизиските станици што емитуваат програма на државно ниво преку сателит или преку јавна електронска комуникациска мрежа и на телевизиските станици што емитуваат програма на регионално и на локално ниво, чии податоци се однесуваа на четвртиот квартал од 2015 година и Годишен извештај со податоци за гледаноста и слушаноста на програмските сервиси на радиодифузерите во 2015 година.

Во контекст на подготовките за мониторинг на изборното медиумско претставување за предвремените парламентарни избори во 2016 година, директорот на Агенцијата ги спомена донесената Методологија за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за време на изборните процеси, одржаните обуки за сите радиодифузери и потпишаниот Меморандум за соработка со ДИК.

Агенцијата постојано потсетува дека сопствениците на сите медиуми треба да прават разлика меѓу деловниот, политичкиот и приватниот интерес наспроти професионалното известување и да им овозможат на сите медиумски професионалци независно и непречено да ја работат својата работа. Во таа насока, професорката  д-р Јасна Бачовска Недиќ, раководителка на Студиите по новинарство, медиуми и комуникации при Правниот факултет „Јустинијан Први“, ги пренесе своите видувања за актуелните аспекти поврзани со медиумите и новинарската одговорност. Накратко даде осврт на стратегиските цели на европските медиумски системи, индикаторите за мерење на интегритетот на медиумите, трендовите во новинарската професија и новинарската одговорност.

За професионалните стандарди како неопходен предуслов за работењето на медиумите се обрати м-р Емилија Петреска – Камењарова, раководителка на Одделението за човекови права и медиумска писменост во Секторот за програмски работи, која од аспект на регулаторното тело потсети на начелата и општоважечките програмски стандарди кон кои радиодифузерите треба да се стремат при вршењето на дејноста. Потсети и на програмските стандарди кои треба да ги практикува Македонската радио телевизија при производството и обезбедувањето на радио и тв програми, во насока на задоволување на јавниот интерес.

На крајот од јавниот состанок директорот на Агенцијата потенцираше, дека од моментот на распишување на изборите ќе започне периодот во кој и за радиодифузерите и за Агенцијата ќе почнат да важат правилата од Изборниот законик и дека телевизиите и радијата ќе мора да ги почитуваат барањата за правичност и избалансираност во известувањето, а Агенцијата врз основа на анализа на програмите, во случаи кога ќе утврди дека не се обезбедува плурализам на гледишта и не се почитуваат другите правила, ќе постапи во согласност со Законикот.



Accessibility

Accessibility