1

Повик за јавна расправа за работната верзија на методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување

Скопје, 10.08.2016 година – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, од денес отвора јавна расправа за работната верзија на методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат во 2016 година,
достапна на веб страницата на Агенцијата на следниот линк. Расправата ќе трае до 24 август.

За нацрт-текстот на методологијата, Советот на Агенцијата ќе расправа на својата 28 седница, закажана за 17 август, а јавната расправа почнува порано со цел да им се обезбеди на сите заинтересирани субјекти повеќе време да ги достават предлозите. Оние предлози и мислења што ќе пристигнат до 16 август, ќе му бидат презентирани на Советот на 17 август, а тие што ќе пристигнат до крајот на јавната расправа, ќе бидат презентирани на седницата на која Советот ќе го усвои финалниот текст.

Донесувањето на овој документ е резултат на последните измени и дополнувања на Изборниот законик, врз основа на договорот постигнат меѓу четирите најголеми политички партии од парламентарната позиција и опозиција во јули 2016 година. Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр.142/16) во член 196-з предвидува Агенцијата, во рок од 30 дена од денот кога се донесени измените на Законикот, да ја измени „Методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за време на изборните процеси“, усвоена од Советот на Агенцијата на 5 јануари 2016 година. Имајќи предвид дека актуелната Методологија претставува сеопфатен документ кој важи за сите изборни процеси, Агенцијата смета дека наместо да се прават измени во неа, поцелисходно е да се изработи нова методологија која ќе се применува само за предвремените парламентарни избори во 2016 година.

Сите предлози и мислења за работната верзија на методологијата доставете ги на: contact@avmu.mk најдоцна до 16 часот на 24 август 2016 година.