Одржан состанок за Нацрт-Методологијата за изборно медиумско претставување

Скопје, 23.08.2016г. – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес одржа состанок на кој ја презентираше Нацрт-методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат во 2016 година.

Последните измени на Изборниот законик, што ги усвои Собранието на крајот од јули, ја обврзаа Агенцијата во рок од 30 дена од нивното донесување, да направи измени во „Методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за време на изборните процеси“ – односно документот што Советот на Агенцијата го усвои на 5 јануари годинава. Наместо да се интервенира во тој текст, Агенцијата одлучи да направи нова методологија која ќе важи само за изборите што нè очекуваат на крајот од 2016 година, истакна д-р Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата на почетокот на состанокот. Додаде дека Агенцијата ги разгледа искуствата од европските земји, и одбран е францускиот модел за постигнување политички плурализам надвор од изборни периоди да го прилагоди на македонската практика и регулатива.

Во продолжение детално беа образложени целите, опфатот и периодите на мониторинг на изборното медиумско претставување, како и спецификите кои се детерминирани со последните измени на Изборниот законик, кои ги појасни Емилија Петреска Камењарова, раководителка на одделението за медиумска писменост, при презентирањето на Нацрт-Методологијата. Една од специфичностите на овој изборен процес е тоа што одредбата за утврдување баланс во известувањето почнува да важи 100 дена пред денот на одржување на изборите.

Радиодифузерите треба да обезбедат баланс во известувањето за парламентарни избори согласно принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи со кандидати за пратеници. Врз основа на искуствата од мониторингот на известувањето за изборите што беа закажани за првата половина од годинава, направени се допрецизирања во делот на методологијата што се однесува на известувањето за активностите на претставниците на власта во функција на изборно медиумско претставување. Потпирајќи се врз методологиите и искуствата од претходните мониторинзи на изборни процеси, примерокот врз основа на кој ќе се извлекуваат оценки за балансот во известувањето е поставен на десет дена. Допрецизирање има и во однос на коментарот како новинарски жанр, кој треба да биде јасно одделен од другите новинарски жанрови како вестите, извештаите, интервјуата, репортажите итн.

Присутните по завршувањето на презентацијата имаа можност преку отворена дебата да ги искажат своите предлози, забелешки, мислења и ставови по текстот на Нацрт-методологијата.

Презентацијата може да се преземе на следниот линк:

м-р Емилија Петреска Камењарова

Методологија за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат во 2016 година

 



Accessibility

Accessibility