Скопје, 26.08.2016 година – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро реагира на текстот „За да изградат случај против мене, го глумат и Нострадамус“, објавен во весникот Дневник на 25 август, со кој се прави уште еден обид за притисок врз регулаторното тело и тоа шест месеци по настанот на кој се реферира.
Како што е општо познато, Агенцијата во март годинава објави извештај од вонредниот надзор на неколку изданија на емисијата „Миленко Неделковски шоу“, во кој констатираше дека ТВ Канал 5 го прекрши член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со тоа што му овозможи на авторот на емисијата да поттикнува и шири дискриминација, нетрпеливост и омраза врз основа на сексуална ориентација. Агенцијата, како регулаторно тело, нема релации со авторите на емисиите туку со радиодифузерите, кои имаат уредувачка одговорност за секоја содржина што ја објавиле. Затоа, за констатираното прекршување направено од Канал 5, Агенцијата уште во март побара од Комисијата за заштита од дискриминација да постапи против оваа телевизија.
Оттаму, обидот да се претстави извршувањето на професионалните обврски на регулаторот како лична војна меѓу директорот на Агенцијата и Миленко Неделковски е лага и сензационализам. Содржината на написот пак, е серија на извртување факти и замена на тези со што се настојува да се создаде привид дека регулаторот е нестручен и неук. Жалиме што „Дневник“ дозволи да биде инструментализиран и иако е свесен за содржината на Извештајот на Агенцијата објави едностран текст, во кој на изјавите на Неделковски не им ги сопостави фактите со кои изобилува Извештајот. Да го стореше тоа, публиката ќе беше целосно информирана и ќе знаеше дека ниту едно тврдење на Агенцијата не е арбитрарно – напротив целата хајка против регулаторното тело е резултат токму на обидот да се затскријат аргументите.
Извештајот од извршениот мониторинг, како и информациите за претходните обиди за притисок во врска со овој случај, се достапни на веб страната на Агенцијата www.avmu.mk