Новинарските стандарди во фокусот на вториот јавен состанок на Агенцијата за 2017 година

Скопје, 29.06.2017г. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го одржа вториот јавен состанок за 2017 година. Во воведниот дел, директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски ги презентираше активностите коишто Агенцијата ги реализираше во изминатото тромесечие.

Покрај извршените редовни надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и издавачите на печатени медиуми, реализирани се и голем број на вонредни надзори реализирани по службена должност за повеќе законски одредби, вклучувајќи го членот 61 (начела за вршење на дејноста) и членот 48 од ЗААВМУ (забрана за говор на омраза), пришто кај една телевизија е констатирано прекршување на начелата за вршење дејност, додека кај друга поттикнување дискриминација по етничка припадност и врз основа на припадност на маргинализирана група. Вкупно 21 мерка – опомена е изречена на радиодифузерите, 4 мерки-опомена на кабелските оператори и 2 мерки-опомена на издавачи на печатени медиуми. Донесена е една Одлука за доделување дозвола за радио емитување на програмски сервис, музичко – говорно радио од општ формат, на македонски јазик, на локално ниво, на подрачјето на општина Кривогаштани, и една Одлука за објавување на јавен конкурс за доделување на една дозвола на непрофитна радиодифузна установа за радио емитување на програмски сервис на локално ниво, на ромски и македонски јазик, на подрачјето на општина Штип.

За потребите на Агенцијата, изработена е Студија за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за непрофитно радио на локално ниво, на подрачјето на општина Штип“, и Истражување за досегот на радиостаниците и за уделот во вкупната гледаност на телевизиските станици што емитуваат програма на државно ниво преку сателит или преку јавна електронска комуникациска мрежа и на телевизиските станици што емитуваат програма на регионално и локално ниво, за првите четири месеци од 2017 година. Во изминатото тромесечје, Агенцијата изработи и Анализа на поведените прекршочни постапки против радиодифузерите, операторите на јавна електронска комуникациска мрежа и издавачите на печатени медиуми во периодот од 1-ви јануари до 31-ви декември 2016 година, а од неодамна ја почна и подготовката на Стратегијата за развој на аудио и аудиовизуелната дејност за периодот 2018-2022 година.

Агенцијата изминатиот период, во неколку наврати остро осуди неколку насилства врз новинарите и новинарските екипи, како и закани упатени кон една регионална телевизија, потенцирајќи дека секое насилство врз медиумите е неприфатливо и претставува директен напад врз слободата на изразувањето.Истовремено Агенцијата апелираше и до медиумите да бидат дораснати на тежината на својата улога и да ја преземат одговорноста да известуваат објективно и непристрасно, да не пренесуваат шпекулации и непроверени информации, но и да не сокриваат факти, туку стриктно да се придржуваат до професионалните начела за вршење на дејноста.

Чувствувајќи ја потребата за дијалог, кој ќе води кон подобрување на состојбата во новинарството, а се поради континуираниот пад на почитувањето на новинарските стандарди, кои го сочинуваат темелот на новинарството и работата на медиумите, Агенцијата овој јавен состанок го посвети на професионалните новинарски принципи и начините за нивно подобрување. Со цел да се слушне мислењето на дел од фелата на оваа тема, свои излагања имаа Зоран Фиданоски, член на Советот на Агенцијата; Иван Мирчевски, претседател на Македонската медиумска асоцијација и директор на ТВ Канал 5; Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите и Дејан Георѓиевски, претседател на Центарот за развој на медиуми, кои ги пренесоа своите видувања и искуства за актуелните аспекти поврзани со медиумите, новинарската одговорност и начините како до повисоки новинарски стандарди во новинарството.

Заедничка констатација на сите учесници е дека новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат на чесен, објективен и точен начин, да истражуваат и да ја задржат етиката во информирањето. Професијата – новинар настојчиво да се унапредува, да се вложува во доедукација на новинарскиот кадар и квалитетот во начинот на информирање, преку формирање на така наречените „редакциски школи“ во рамки на медиумите. Медиумите и новинарите да бидат одраз на доверба и да го штитат јавниот интерес, непристрасни со интегритет, уредничка независност и саморегулација преку примена на морални санкции кон оние кои не ги почитуваат професионалните стандарди и Кодексот на новинарите. Да се овозможи стабилно финансирање на медиумите, а тие пак од друга страна сериозно да ја сфатат важноста на улогата која треба да ја имаат во општеството, односно неопходноста на граѓаните да им обезбедат различни вистинити и објективни информации и гледишта за сите општествено – политички прашања.



Accessibility

Accessibility