Скопје, 21.09.2017г. – Четвртиот десетдневен извештај, од мониторингот на медиумското известување, за периодот од 6 до 15 септември 2017 година, покажува дека повеќето телевизии и радија се придржуваат кон професионалните стандарди,
некои заземајќи критичка позиција кон власта. Сепак кај неколку програмски сервиси се забележува отклонување.
Општа констатација е дека покрај редовните секојдневни информации, медиумите ја обработуваат темата за „локалните избори“ се повеќе применувајќи аналитички пристап, бидејќи е период на официјални партиски кандидатури за градоначалници, се затвори увидот во единствениот Избирачки список, а се ближи и процесот за започнување на изборната кампања.
Во овој период, Првиот програмски сервис на Македонската Радиотелевизија – МРТ 1, при информирањето за политичките партии, целосно беше фокусиран на двете најголеми партии – од опозицијата и од власта, и речиси и да не информираше за другите партии/независни кандидати, кои исто така, подготвуваа кандидатски листи и имаа други активности.
Начинот на известување на ТВ Алфа и ТВ Нова укажува на прекршување на начелото за објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења, а се забележуваат и елементи кои индицираат можна поврзаност на уредувачките политики – особено во начинот на третирање на темата за мигрантите, за заминувањето на странските инвеститори од Македонија, објавувањето наводна анкета на МЦМС кој негира дека ја спровел и сл.
Иако во досегашните четири извештајни периоди, Радио Слободна Македонија со емитуваните вести не го достигна прагот од најмалку 2 часа, доволен за извлекување методолошки заклучоци, сепак забележливо е дека Радиото е концентрирано на пренесување информации за една политичка партија и речиси и да нема информации за други политички партии.
Четвртиот десетдневен извештај е достапен на следниот линк