ПОСЛЕДЕН ИЗВЕШТАЈ ОД ИЗВЕСТУВАЊЕТО ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ 2017 ЗА ПЕРИОДОТ ПРЕД КАМПАЊА

Скопје, 01.10.2017г. – Агенцијата го објави последниот извештај од мониторингот на медиумското известување, за периодот пред почетокот на изборната кампања, што се однесува на периодот од 16 до 24 септември 2017 година.

Според наодите од мониторингот на медиумското известување на радиодифузерите стриктно за темата – Локални избори, како најзастапени може да се издвојат новинарските вести и извештаи за завршните организациски работи што ги спроведе Државната изборна комисија.

Извештаите за учеството на Генералното Собрание на ООН, како и извештаите за отчетите на одделни министерства, и во овој период на анализата ја ставаат македонската Влада меѓу најзастапените субјекти во централните изданија на радио и на телевизиските дневници, а од другите политички теми може да се издвои и парламентарната расправа во врска со предлог-законот за употребата на јазиците.

И во овој извештаен период, МРТ 1 не ја следеше одредбата од своите Правила за медиумско покривање на Локалните избори 2017, според која во вестите до почетокот на изборната кампања „ќе обезбеди избалансираност во известувањето за активностите на политичките партии од власта и од опозицијата што се претставени во Собранието на Република Македонија“.

ТВ Нова и ТВ Алфа, иако со помал обем од претходните извештајни периоди, останаа фокусирани на информациите за активностите, ставовите и реакциите на најголемата опозициска партија.

Радио Слободна Македонија повторно ја репризираше емисијата „Земјо Македонска, која изобилува со вулгарен и непристоен речник, односно е во спротивност со професионалното начело за негување и развој на хуманите и моралните вредности на човекот и за заштита на приватноста и достоинството на личноста.

Извештајот е достапен на следниот линк



Accessibility

Accessibility