МАЛ ОБЕМ ИНФОРМАЦИИ ОД КАМПАЊАТА ВО ВТОРИОТ КРУГ, ДВЕ ТЕЛЕВИЗИИ НЕ ОБЕЗБЕДИЈА НЕПРИСТРАСНО ПОКРИВАЊЕ

Скопје, 3 ноември, 2017 година:

Начин на известување

Радиодифузерите опфатени со мониторингот во вториот круг од Локалните избори, кампањата ја покриваа со помал интензитет, генерално обидувајќи се да обезбедат еднакви услови за пристап до програмите на учесниците во изборите. Во последните десет дена од изборната кампања (од 18 до 27 октомври 2017 година) на кој се однесуваат денешните извештаи, прекршување на барањето за непристрасно покривање на изборите е констатирано само кај две телевизии што емитуваат програма на државно ниво – ТВ Алфа и ТВ Нова. Кај нив, во вкупната програма се констатира пристрасност во корист на ставовите и реакциите на Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Во законски утврдениот рок Агенцијата ќе поднесе барања за поведување прекршочни постапки пред надлежен суд.

Мониторингот на изборното медиумско претставување во вестите на програмските сервиси на Македонската радиотелевизија, во вториот круг од изборите, уште еднаш докажа дека одредбата од Изборниот законик за тоа како да се подели времето во дневно-информативните емисии е несоодветна за новинарско известување на јавен сервис. Имено, Агенцијата и досега јавно бараше промена на законската обврска времето да се подели по принципот – 30% за партиите на власт, 30% за партиите во опозиција, 30% за дневните настани од земјата и светот и 10% за вонпарламентарните партии. Во вториот круг имаше помалку кандидати, коалициска поддршка меѓу партии од власта и од опозицијата и вкупно тројца вонпарламентарни кандидати. Ваквите услови особено јасно покажаа дека јавниот сервис, иако квантитативно и квалитативно ќе обезбеди баланс во известувањето за учесниците во кампањата, сепак ќе се најде пред избор дали да се придржува до својата функција на јавен сервис кој треба пред сè да ги информира граѓаните за сите актуелни настани во земјата и светот или да и ги ускрати на публиката овие информации за да не го надмине лимитот од 30%. Затоа, регулаторот смета дека процентуално поголемото време за дневните новости не е основа да се констатира дисбаланс или пристрасност во известувањето.

Бесплатно политичко претставување

Јавниот радиодифузен сервис и Собранискиот канал ги исполнија обврските и во вториот круг од изборната кампања за Локалните избори да овозможат бесплатно политичко претставување на учесниците во изборите. Податоците покажуваат дека можноста за бесплатно претставување ја искористија само кандидатите за градоначалници од коалициите предводени од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.

 Платено политичко рекламирање

Во вториот круг од изборната кампања за Локалните избори, најголем обем платено политичко рекламирање е регистрирано за Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ (околу 26 часа), потоа за Коалицијата предводена од СДСМ (околу 11 часа), следуваат Беса (околу 5 часа) и ДУИ (околу 4 часа).

Од телевизиите опфатени со мониторингот, најмногу реклами се емитувани на ТВ Нова (речиси 12 часа) и на ТВ Сител и ТВ Алсат-М (по околу 5 часа).

Прегледот на платеното политичко рекламирање е достапен на следниот линк

Поединечните извештаи за радиодифузерите за периодот од 18 до 27 октомври 2017 година се достапни на следниот линк



Accessibility

Accessibility