Промовирана Декларација за етичко и професионално известување за теми поврзани со ЛГБТИ заедницата

Скопје, 20.03.2018г. – Во рамки на заложбата за професионално известување за ЛГБТИ заедницата и почитување на нивните права без дискриминаторски и дерогирачки говор, денес беше промовирана Декларација за етичко и професионално известување за теми поврзани со ЛГБТИ. Иницијатори на овој  документ се Коалицијата Маргини, Советот за етика во медиумите, Здружението на новинари на Република Македонија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Декларацијата како формален акт треба да придонесе за спречување на стигматизирачки говор кон оваа група во медиумите и промовирање на сексуалната и родовата различност вклучително и заштитата на правата на ЛГБТИ заедницата. Принципите кои се опфатени во Декларацијата се однесуваат на воздржување од и осуда на говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет или која било припадност на историски и општествено маргинализирана група. Непарцијално известување за активностите на ЛГБТИ заедницата и активистите за човекови права, и зголемување на соработката со граѓанските здруженија кои ги застапуваат правата на ЛГБТИ, преку размена на информации кои ќе овозможат интегрален и непарцијален приказ на проблемите кои ја засегаат ЛГБТИ заедницата.

Досега оваа Декларација ја потпишаа Здруженијата на печатени медиуми и на приватни електронски медиуми и дваесетина медиуми, кои се обврзаа во рамки на сопствените одговорности и надлежности да останат посветени на востановените принципи. Повикот за потпишување на Декларацијата е отворен за медиумите и сите засегнати страни кои можат да се вклучат и да придонесат во градењето на општество во кое сите имаат еднаков пристап до правда.

 



Accessibility

Accessibility