Македонија во име на земјите од Западен Балкан настапи пред ЕРГА

Загреб, 23.03.2018г. – Претставниците на Групата на европски регулатори за аудиовизуелни медиумски услуги (ЕРГА) вчера и денеска во Загреб разговараа за справувањето со напливот на лажни вести и за важноста на регионалната и пошироката соработка во поглед на размена на искуства и добри практики.

 За прв пат на состанок на ЕРГА присуствуваше и еврокомесар за дигитална економија и општество, во чија надлежност се и медиумите. Еврокомесарката Марија Габриел ја истакна неопходноста земјите од Западен Балкан во рамки на своите евроинтеграциски аспирации да пристапат кон усогласување на нивната легислатива во аудиовизуелната област со Европската директива за аудиовизуелни медиумски услуги. Таа истакна дека најголема полза ќе имаат гледачите и слушателите, а истовремено тоа ќе придонесе за поттикнување на конкурентноста во медиумската сфера.     

На состанокот, за прв пат беа слушнати ставовите на регулаторите од Западен Балкан. Во нивно име, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, истакна дека вестите и информациите не познаваат физички граници, поради што особено е важна билатералната и регионалната соработка и поттикнувањети дискусија за важни регулаторни прашања.

Трајчевски имаше можност да разговора со еврокомесарката Марија Габриел за развојот на аудиовизуелниот сектор во земјите од Западен Балкан. Исто така, овие прашања беа тема на разговор и со претставничката на Советот за електронски медиуми на Република Бугарија, Марија Стојанова, чија земја претседава со Европската Унија до јуни годинава.



Accessibility

Accessibility