Скопје, 17.09.2018г. – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес одржа работен состанок, на кој ги презентираше Нацрт-Методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за време на изборни процеси и Нацрт-Упатството за исполнување на обврските за импресум и информации достапни за корисниците. Целта на состанок беше да се слушнат ставовите на заинтересираните субјекти во однос на овие документи.
– Со последните промени на Изборниот законик од 30 јули 2018 година, поврзани со изборното медиумско претставување и надлежностите на Агенцијата, Агенцијата има обврска во рок од 60 дена од денот на донесување на овој Законик, да донесе Методологија за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси. Оттаму, Агенцијата го подготви овој Нацрт-текст кој беше усвоен од Советот на Агенцијата и за него сеуште е отворена јавна расправа, која трае до 22 септември 2018 година, истакна д-р Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата на почетокот на состанокот.
Нацрт–Методологијата ги сублимира сите релевантни одредби за медиумско претставување за време на избори и го прецизира начинот на кој Агенцијата ќе врши мониторинг. На состанокот подетално беа образложени спецификите кои произлегоа од последните измени на Изборниот законик, а се вметнати во овој документ. Дел од измените се однесуваат на намалување на времетраењето на платеното политичко рекламирање, кое сега изнесува девет 9 минути (по 4 минути за партиите на власт и во опозиција, и 1 минута за партиите кои немаат пратеничка група и кои не се застапени во Собранието на РМ), како и на огласите и соопштенијата за собирање потписи за поддршка на кандидатура на групи избирачи, кои од денот на распишување на изборите до почетокот на изборната кампања се исклучок од забраната за платено политичко рекламирање. Допрецизирање е направено и во периодот опфатен за реализација на мониторингот, известувањето за активностите на власта, говорот на омраза.
Во продолжение на состанокот беше образложен текстот за Нацрт-Упатството за исполнување на обврските за импресум и информации достапни за корисниците, за кое јавната равната расправа заврши на 27 август 2018 година, и до Агенцијата пристигнаа мислења и забелешки од неколку радиодифузери. Со ова Упатство се утврдува начинот на кој треба да постапуваат сите радиодифузери при извршување на обврските кои произлегуваат од Законот за медиуми во делот на објавување импресум и од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во однос на информациите коишто треба да се направат достапни за корисниците.
Презентацијата на Нацрт-Методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за време на изборни процеси е достапнa на следниот линк .
Нацрт-Упатството за исполнување на обврските за импресум и информации достапни за корисниците е достапно на следниот линк.