Скопје, 26.09.2018г. – На денешната 39-та седница за 2018 година, Советот на Агенцијата ја донесе Методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за време на изборни процеси.
Потребата за овој документ произлезе од измените во Изборниот Законик поврзани со изборното медиумско претставување и надлежностите на Агенцијата. Станува збор за членовите 75-д (во врска со огласите и соопштенијата за собирање потписи за поддршка на кандидатура на групи избирачи кои се исклучок од забраната за платено политичко рекламирање од денот на распишување на изборите до почетокот на изборната кампања), 75-ѓ (во врска со времетраењето на платеното политичко рекламирање), и 76-в (во врска со надлежностите на Агенцијата за време на изборни процеси). Додаден е и нов член 76-д во врска со обезбедувањето средства од Буџетот на Република Македонија за покривање на трошоците за платеното политичко рекламирање објавено на медиумите.
Во Методологијата се содржани сите релевантни одредби за медиумското претставување за време на избори и се прецизира начинот на кој Агенцијата го врши мониторингот.
Пред да биде донесена, беше отворена јавна расправа во траење од 30 дена, заклучно со 22 септември 2018 година, на која беа повикани сите заинтересирани страни да достават забелешки, мислења и предлози.
Методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување за време на изборни процеси е достапна на овој линк