Стапи на сила ревидираната Директива за аудиовизуелни медиумски услуги

Скопје, 18.12.2018г. – Европската унија направи ревизија на Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги и сега, таа, покрај на телевизиите и видеата на барање се однесува и на платформите за споделување видеа. Ревидираната Директива стапи на сила денес, а земјите-членки на Унијата, треба да ја имплементираат во своите национални законодавства, најдоцна до 19 септември 2020 година. Како кандидат за членство во ЕУ, Република Македонија, има обврска својата легислатива да ја усогласи со европската.

Најзначајните промени што се воведуваат се во насока на:

  • проширување на европските аудиовизуелни правила врз платформите за споделување видеа, за да се опфатат видео содржините коишто ги генерираат самите корисници, а коишто ја обезбедуваат суштинската функционалност на сервисот;
  • воведување квота за европски аудиовизуелни дела за услугите видео на барање;
  • зајакнување на принципот „земја на потекло“ – појаснување чии правила (на чија земја членка) се применуваат, при што тие важат и за медиумите и за давателите на услугите видео на барање;
  • поголема заштита на малолетниците од штетни содржини на ТВ и на новите сервиси и платформите за споделување видеа;
  • зајакнување на правилата против говорот на омраза, јавните провокации за извршување терористички напади, прекумерно насилство и порнографија, коишто, исто така, се однесуваат и на платформите за споделување видеа;
  • поголема флексибилност во однос на телевизиското рекламирање;
  • зајакнување на правилата за независноста на аудиовизуелните регулаторни тела.


Accessibility

Accessibility