1

Агенцијата стана дел од Мрежата за борба против говорот на омраза во медиумите

Скопје 30.01.2019 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги стана дел од Мрежата за борба против говорот на омраза во медиумите, формирана на иницијатива на Советот за етика во медиумите на Македонија, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Основна цел на Мрежата е превенција на ширењето на говорот на омраза во јавната сфера, зајакнување на професионалното и етичко вршење на новинарската дејност и подигнување на свеста на пошироката популација.

Како и досега, Агенцијата ќе продолжи со нотирање на случаите на појава на говор на омраза во медиумските содржини и согласно надлежностите кои и се доделени со последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, истите ќе ги санкционира. Воедно, Агенцијата останува на заложбите за поддршка и заштита на новинарите и медиумските претставници кон кои е насочен говорот на омраза.

Декларацијата против говорот на омраза во медиумите и интернетот, покрај од Агенцијата е потпишана и од МВР, МИОА, министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Народен правобранител на Република Македонија, Академија за судии и јавни обвинители, Здружение на новинари на Македонија – ЗНМ, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ, Институт за комуникациски студии – ИКС, Македонски институт за медиуми – МИМ, Центар за развој на медиуми – ЦРМ, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Коалиција Маргини, Фондација Метаморфозис, Институтот за истражување на општествениот развој – РЕСИС и Центар за интеркултурен дијалог – ЦИД.

Мрежата за борба против говорот на омраза во медиумите е отворена за нови членки кои ќе можат да пристапат со потпишување на Декларацијата.

Декларацијата против говорот на омраза во медиумите и интернетот може да се преземе на следниот линк