Скопје, 08.02.2019 – Советот на Агенцијата на вчерашната седница, одлучи да ја информира јавноста дека Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), два месеца по ред, на Агенцијата и префрла, помалку средства за финансирање на радиодифузната дејност за 2019 година, од законски утврдените.
Според членот 105 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 31.12.2018 година, „Средствата за финансирање на радиодифузната дејност, за работењето и развојот на Македонската Радио Телевизија, Јавното претпријатие Македонска радиодифузија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија во висина од 0,8% до 1% од реализираните вкупни приходи во годината која претходи на фискалната година за која се утврдува износот“. Воедно, членот 45 став 1, алинеја 1 од Законот, утврдува дека висината на процентот на издвоени средства од Буџетот за 2019 година ќе изнесува 0,8%.
По првата транша, Агенцијата на 28 јануари годинава писмено се обрати до МИОА, и побара објаснување за понискиот процент на исплатените средства, но оттаму сè уште нема одговор. Во меѓувреме, и за месец февруари беа исплатени средства со идентичен износ како претходниот.
На седницата, со цел надминување на настанатиот проблем, Советот донесе заклучок Агенцијата да иницира средба со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.