Скопје, 25.07.2019 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осудува повикувањето на разговор на новинарите Горан Момироски и Љупчо Златев во просториите на СВР Скопје поради нивните написи за наводна злоупотреба на службената положба на Генералниот секретар на Владата на РСМ и барањето да ги откријат своите извори на информации.
Домашната и меѓународната легислатива го гарантираат правото на новинарите да ги штитат своите извори. Барањата за откривање на новинарските извори претставуваат не само притисок врз новинарите туку и кршење на Уставот на РСМ, Законот за медиуми, Европската конвенција за човекови права и основни слободи, препораките на Советот на Европа.
Отсуството на заштита на изворите на информации може да ги одврати од комуникација со новинарите за работи од јавен интерес, што пак води кон самоцензура и поткопување на виталната улога на медиумите да бидат коректори на власта.
Во врска со последните притисоци врз новинарите, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе ги информира претставниците на дипломатскиот кор, претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Харлем Дезир и комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ.