Скопје, 30 јуни 2020 година – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес одржа јавен состанок, кој поради актуелната состојба со корона вирусот Ковид-19, се реализираше преку видео конференциска врска. На состанокот, директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски, направи пресек на многубројните реализирани активности согласно Годишната програма за работа во изминатите шест месеци.
Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со мониторингот на изборниот процес за Предвремените парламентарни избори, спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, изработените анализи и студии, активностите на полето на меѓународната соработка.
Посебен акцент на состанокот беше ставен на анализата за родот во медиумите во 2019 година, во која за првпат во државава се прави квантитативна и квалитативна анализа на третманот на родот во емисиите за деца. Анализата опфаќа вкупно 520 емисии за деца, емитувани на програмските сервиси МРТ1 и МРТ2 – Програма на албански јазик и седумте национални терестријални телевизии ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма и ТВ Алсат М, во период од 15 септември до 15 октомври 2019 година.
При презентација на клучните наоди, авторот на анализата посочи дека Јавниот сервис води планирана и осмислена програмска политика во однос на детската популација, но оваа констатација многу повеќе важи за МРТ1, отколку за МРТ2 – Програма на албански јазик, зашто на овој сервис програмата за деца само делумно го има потребниот вариетет.
Во однос на програмите на приватните терестријални телевизии на државно ниво, наодите покажуваат дека не постои осмислен или внимателен уредувачки пристап во изборот на емисии наменети за различни возрасни сегменти на малолетната публика, при што има многу помалку емисии за деца отколку кај Јавниот сервис. Најмногу емисии за деца се емитувани на ТВ Сител, следува ТВ Канал 5, на ТВ Телма емитувани се само неколку изданија на една емисија, што во извесна мера важи и за ТВ Алсат М, а ТВ Алфа во анализираниот месец воопшто нема емитувано емисии за деца.
Анализата која за потребите на Агенцијата ја изработи истражувачка агенција, нуди и препораки за Јавниот сервис и за приватните телевизии. Анализата е веќе објавена на веб страницата www.avmu.mk, во посебниот банер „Родот и медиумите“, a во наредниот период во форма на публикација ќе биде испечатена на македонски, албански и англиски јазик.
Презентациите се достапни на следните линкови:
Спроведени активности согласно Годишната програма за работа на АААВМУ
д-р Зоран Трајчевски, директор на АААВМУ
Родот во емисиите за деца: мултиметодна анализа на родовата репрезентација кај националните радиодифузери
Игор Мицевски, Институт за истражување на општествениот развој РЕСИС