Одржана онлајн дебата за медиумска писменост на АВМУ и Ресис  

image_pdfimage_print

Скопје, 30 ноември 2021 – Во рамки на Деновите на медиумска писменост 2021, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Институтот Ресис вчера одржаа онлајн дебата на тема „Анализа на родовите аспекти во ТВ програмите за деца: Градиме ли критичка свесност кај децата?”. Дискусијата опфати повеќе сегменти, од тоа какво е психолошкото влијание на програмите за деца врз нивниот раст и развој, до начинот на кој треба да се креираат политиките и програмите на медиумите наменети за децата.

Давајќи вовед во дебатата д-р Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата, посочи оти наодите покажале дека Јавниот сервис води планирана и осмислена програмска политика во однос на детската популација, но оваа констатација многу повеќе важи за МРТ1, отколку за МРТ2. Во однос на програмите на комерцијалните телевизии наодите покажуваат дека не постои осмислен и внимателен уредувачки пристап во изборот на емисии наменети за различни возрасни сегменти на малолетната публика.

м-р Игор Мицевски од Институтот Ресис ги презентираше наодите од истражувањето „Анализа на родовите аспекти во програмите за деца на националните терестријални телевизии” кое беше изработено за потребите на АВМУ. Притоа тој даде повеќе примери за тоа дека генералниот недостиг од концепција при изборот емисии за деца, се потврдува и во прикажувањето на родовите улоги. Во играните програми од домашно производство, доминираат серии во кои се имитираат патријархалните сфаќања за родовите улоги на општествата од 19 век, а притоа недостигаат емисии со современи гледишта во кои родовите прашања се третираат од либерална позиција. Од друга страна, играните програми од странска продукција се преземаат без да се има предвид дали се тие дел од некаква франшиза (продажба на кукли, видео игри, детска школска опрема и други производи) со што кај децата се развива конзумеризмот. Овие емисии изобилуваат со тешко достижни идеализирани прикази на женските и машките тела.

За резултатите од истражувањето, а во однос на развојниот аспект кај децата, д-р Ана Блажева, од Институтот „Психотерапика“ посочи дека застапеноста на патријахалната матрица и вредности во голем дел на содржините особено во играните програми, кои не кореспондираат со денешниот начин на живеење, креира фрустрирачка ситуација и може да доведе до деструктивно однесување.

Креирањето на едукативна телевизиска програма наменета за млади која ќе одговори и на европските и на националните потреби е специфика на целиот свет, не само за нас, нагласи одговорната уредничка на МРТ1, м-р Анета Андонова. Многу тешко се креира едукативна телевизиска програма која ќе ја задржи детската публика пред екраните, бидејќи истражувањата покажуваат дека децата повеќе не и веруваат на телевизијата.

Учесниците на дебатата беа согласни дека треба многу да се работи на креирање квалитетни програмски концепти и содржини кои ќе ги задоволат потребите на децата и младите и од нив ќе создадат публика која е критички свесна и медиумски писмена.



Accessibility

Accessibility