Одржан вториот јавен состанок на АВМУ за 2022 година

Скопје, 29 јуни 2022  – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го одржа вториот јавен состанок за оваа година, на кој директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.

Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, давателите на АВМУ по барање, издавачите на печатени медиуми, изработените истражувања, активностите на полето на меѓународната соработка.

На состанокот беа презентирани и податоците за законските одредби кои радиодифузерите во 2021 и првата половина на 2022 година најчесто ги прекршиле и поведените прекршочни постапки од страна на Агенцијата. Најчестите прекршувања како што посочи м-р Ивона Муфишева од Секторот за правни работи и јавни набавки се однесуваат на обврските за емитување изворно создадена програма, не објавување информации кои треба да се направат достапни за корисниците и правилата за заштита на малолетната публика. За оваа тема беше отворена дискусија која како што истакна Заменикот на претседателот на Советот на Агенцијата Селвер Ајдини, има за цел да ги утврди причините за прекршувањата и да даде препораки на што радијата и телевизиите да посветат повеќе внимание во иднина за да се зголеми степенот на почитување на законските обврски.

За досегашната примена на медиумската регулатива и предлозите за нејзина измена во насока на подобрување на состојбите кај локалните и регионалните медиуми говореше Димитар Мицев од ТВ Канал Вис. Посебен акцент беше ставен на потребата за создавање на фонд за медиуми, укинување на забраната за рекламирање од членот 102 од ЗААВМУ, високите глоби, правилата за доделување дозволи за радио и ТВ емитување. Беше покренато и прашањето за лошата финансиска состојба во која се наоѓаат медиумите и можностите за обезбедување поддршка на нивното работење.



Accessibility

Accessibility