Родот во забавната ТВ програма во фокусот на првиот јавен состанок на АВМУ

 

Скопје, 28 март 2023 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го одржа првиот јавен состанок за оваа година, на кој директорот д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.

Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, изработените истражувања, активностите на полето на меѓународната соработка.

На состанокот беа презентирани и наодите од Aнализата на родовите прашања и начинот на прикажување и претставување на жените и на мажите во забавните програми на радиодифузерите во 2022 година, која за потребите на Агенцијата ја изработи Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје. Анализата се однесува на 412 анализирани и обработени тематски целини или прилози емитувани во периодот од 15 мај до 16 јуни 2022 година на девет телевизиски канали на државно ниво: МРТ1, МРТ2, ТВ Алсат – М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма, ТВ 24 и ТВ Компани 21 – М.

Анализата покажа дека во дел од анализираните телевизиски програми отсуствуваше родова сензитивност, додека пак наспроти тоа, забележани беа содржини во кои се преиспитуваа традиционално поставените родови улоги и норми, а жените се промовираа во различните општествени сфери. Кога станува збор за програмите со забавна функција, жените беа ангажирани почесто како уреднички или како водителки и новинарки во емисиите отколку мажите. Во однос на гостите/гостинките или соговорниците/соговорничките претставени во овие емисии постоеше изедначеност помеѓу мажите и жените.

Во поглед на анализата на родовиот дискурс, се забележува поприлична шареноликост – од патријархални и стереотипни дискурси, преку родово слепило и неутралност, до афирмативни дискурси кон родовата рамноправност. Иако генералниот заклучок кој се однесува на еден ваков голем примерок е дека повеќето од содржините беа родово неутрални, сепак можеа да се забележат и двете крајности – на содржини со впечатливо традиционални аспекти и со впечатливо прогресивни и современи ставови во поглед на родовата рамноправност. Целата анализа е достапна на веб страната на Агенцијата www.avmu.mk.



Accessibility

Accessibility