Отворени Деновите на медиумска писменост 2023

Скопје, 24 октомври 2023 – Под мотото „Брз прст, лажни вести носи“, почнувајќи од денес па сè до 31 октомври, во организација на Мрежата за медиумска писменост по петти пат се одржуваат Деновите на медиумска писменост 2023. На овој начин, нашата земја се приклучува кон Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.

На денешната Конференција „Медиумска писменост во дигиталните простори“, директорот д-р Зоран Трајчевски, посочи дека „мотото на Деновите го отсликува она што ќе го правиме периодов – ќе потсетуваме, одново и упорно, дека она што не го правиме во реалноста не смееме да го направиме ниту во виртуелната реалност. И во дигиталните простори ги имаме истите човекови права, границата на нашите права е местото каде што почнуваат правата на другите и повеќе од потребно да сфатиме и да прифатиме колку е важна и нужна медиумската писменост во образованието“.

Во рамките на Конференцијата се одржаат два панели и работилница. Првиот панел организиран од Фондацијата Метаморфозис како дел од проектот Центар против дезинформации на Западен Балкан, беше посветен на градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите, додека вториот организиран од МИМ и ИРЕКС, во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, на влијанието на дигиталниот свет врз децата и младите. Работилницата „Низ дигиталното – нови предизвици за медиумската писменост?“ беше организирана од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со експертка обезбедена преку ИПА Твининг проектот „Засилување на капацитетите на АВМУ и на МРТ“.

За потребите на Деновите за медиумска писменост 2023 изработени се видео и аудио спот на македонски, албански и англиски јазик. Спотовите веќе се емитуваат на медиумите со цел поголем број граѓани да се информираат за настаните за медиумска писменост.

Повеќе информации за настаните што ќе се одржуваат во живо, хибридно или онлајн и за медиумските содржини кои ќе се прикажуваат во рамките на Деновите, може да се најдат на веб – страниците mediumskapismenost.mk и avmu.mk и на Facebook, Instagram, Twitter и Youtube каналот на Мрежата за медиумска писменост.



Accessibility

Accessibility