Скопје, 1 декември 2023 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги повикува медиумите и медиумските работници, при известувањето за случајот поврзан со исчезнатото малолетно девојче од Скопје, да се придржуваат до највисоките професионални стандарди и етички вредности.
При објавување на содржините задолжително да се користат точни и проверени информации и да се користат кредибилни извори со цел да не се подгрева ситуацијата дополнително и да не се предизвикува страв и паника кај јавноста. Новинарите треба да бидат особено внимателни при преземање објави од социјални мрежи како и од други извори чија веродостојност не може да се утврди.
Професионалната одговорност на медиумите подразбира и почитување на личната болка на семејството, поради што личните и семејните детали треба да се изнесуваат особено внимателно, со почитување на приватноста и достоинството и без сензационализам.