Одржана јавна презентација на Нацрт – Правилникот за пристапност до медиумските услуги

Скопје, 14 март 2024 – Вчера во просториите на Europe House во Скопје, се одржа јавна презентација на Нацрт – Правилникот за пристапност до медиумските услуги, подготвен во рамки на проектот „Заштита на слободата на изразување и слободата на медиумите во Северна Македонија (ПРО-ФРЕКС)“.

Во воведното обраќање директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги д-р Зоран Трајчевски посочи дека изработката на актoт произлегува од измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, од јули 2023 година, со кои се овозможува задолжителна пристапност до медиумските услуги за лицата со попреченост. „Лицата со визуелна, слушна, моторна или когнитивна попреченост, старите лица, повредените лица, секојдневно наидуваат на препреки, не само во физичкиот, туку и во дигиталниот свет, и во користењето на медиумските содржини. Очекуваме овој Правилник да придонесе за надминување на дел од препреките, а на оваа тема и понатаму ќе останеме активно посветени“ – нагласи Трајчевски.

За спроведувањето на обврските од регулативата во европски рамки, на настанот говореше Деирдре КЕВИН, консултантка на Советот на Европа со чија помош АВМУ го подготви текстот за Нацрт-правилникот, потенцирајќи ги искуствата и практиките на земјите од Европската Унија во поглед на обезбедување содржини прилагодени за лицата со оштетен слух и вид од страна на давателите на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

При презентацијата на Нацрт – Правилникот, м-р Сашо Богдановски, раководител на Одделението за човекови права и медиумска писменост во АВМУ, меѓу другото ги посочи обврските кои треба да ги исполнат радијата, телевизиите и медиумските услуги по барање и како преку електронски пат да се оствари контакт со Агенцијата за прашања поврзани со пристапноста на медиумските услуги.

За текстот на Нацрт-Правилникот е отворена јавна расправа која трае до 10 јуни 2024 година. Сите заинтересирани страни можат да достават свои мислења и предлози за подобрување на документот во писмена форма на е-адресата contact@avmu.mk.

 



Accessibility

Accessibility