Скопје, 10 мај 2024 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги согласно обврската од член 76-д став 8 од Изборниот законик, денес до Државната изборна комисија го достави Извештајот за платеното политичко рекламирање (ППР) на радиодифузерите за време на првиот круг од изборната кампања за Претседателските избори, во периодот од 4 до 22 април 2024 година.
Податоците во Извештајот се добиени преку мониторинг на емитуваното ППР кај радиодифузерите, и дополнително се проверени низ постапката на потврдување на извештаите за реализирани услуги на радиодифузерите.
Од 77 радиодифузери (39 ТВ и 38 РА) регистрирани во Регистарот на ДИК, вкупно 64 радиодифузери (37 ТВ и 27 РА), склучија договори со учесниците во изборната кампања.
Вкупното платено политичко рекламирање на радиодифузерите изнесуваше 567 часа 21 минута и 39 секунди. Од него, за Стево Пендаровски – 165 часа 2 минути и 36 секунди; Гордана Сиљановска Давкова – 154 часа 45 минути и 37 секунди; Бујар Османи – 106 часа 57 минути и 28 секунди; Арбен Таравари – 92 часа 55 минути и 31 секунда; Максим Димитриевски – 20 часа 6 минути и 6 секунди; Билјана Ванковска Цветковска – 17 часа 44 минути и 15 секунди; и за Стевчо Јакимовски – 9 часа 50 минути и 6 секунди.
Од 9-те национални телевизии што склучија договори за емитување ППР, најмногу рекламно време имаа Алсат-М (38 часа, 43 минути и 21 секунда), Канал 5 (30 часа, 48 минути и 8 секунди) и Компани 21-М (28 часа, 2 минути и 24 секунди), додека од 4-те национални радија кои склучија договори за емитување ППР, најмногу рекламно време остварија Антена 5 (16 часа, 2 минути и 32 секунди) и Јон радио (12 часа, 49 минути и 18 секунди).
Извештајот за платеното политичко рекламирање на радиодифузерите за првиот круг од изборната кампања за Претседателските избори 2024 е достапен на линкот.