Скопје, 7 октомври 2025 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро го осудува говорот кој главниот и одговорен уредник на „burevеsnik.info“ Зоран Божиновски го користи во своите објави на социјалната мрежа Фејсбук, насочен кон новинари и новинарки.
Изразите што Зоран Божиновски веќе подолг период ги употребува се крајно вулгарни и недостојни за било каква јавна комуникација. Нивната единствена цел е груб напад, дискредитација и понижување на медиумските работници.
Во неговите објави нема аргументи – постојат само навреди и клевети, со што директно се рушат етичките стандарди и професионалните норми кои се основа за функционирање на демократските медиуми. Таквиот однос е во целосна спротивност со основните принципи на пристојна и одговорна јавна комуникација.
Со упорното непочитување на достоинството на новинарите и новинарките, Божиновски придонесува за создавање на непријателска средина, која лесно може да доведе до притисоци, заплашувања, говор на омраза, а во најтешки случаи и до физичко насилство.
Агенцијата остро го осудува ваквото однесување и ги повикува сите чинители во јавната сфера да преземат одговорност, да покажат свест за тежината на своите постапки и да се воздржат од користење на јазик што служи единствено за навреда, омаловажување и поттикнување омраза кон медиумските работници.