Претставки

Секој граѓанин или правен субјект до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги може да поднесе претставка/реакција, во однос на содржините кои биле емитувани на радијата или телевизиите; програмските пакети на операторите и печатените медиуми (но не за содржината на отпечатените текстови туку само во поглед на објавување податоци за импресум, уредништво, јавност во работењето, заштита на малолетни лица).

Претставка може да биде поднесена и за работата на Агенцијата, доколку со некој акт или дејствие таа повредила нечии права и интереси.

Доколку е во рамките на нејзините надлежности, Агенцијата постапува по секоја поднесена претставка/реакција, дури и во случаите кога нема законска обврска за постапување (исклучок од Законот за постапување по претставки и предлози се иницијативите за вршење инспекциски или друг вид надзор и барањата од кои произлегува поведување постапка која е регулирана со посебен закон).

Со цел да појасни кој и за што може да поднесе претставка, што треба да содржи претставката и како таа се поднесува, начинот и роковите на постапување по поднесените обраќања, Агенцијата подготви кратка брошура „Поднесување претставка – Што треба да знам”.  Покрај брошурата, Агенцијата отпечати и леток „Поднесување претставка до Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, наменет за пошироката публика.

Во рамки на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch“, „Центарот за европски стратегии – Евротинк“ изработи едукативно видео за можноста граѓаните да поднесат претставка до Агенцијата.

Од неодамна, се објавуваат сите поднесени претставки/реакции и одговорите на Агенцијата.



Accessibility

Accessibility