Втор Јавен Состанок за 2017 година

Новинарските стандарди во фокусот на вториот јавен состанок на Агенцијата за 2017 година
 

Скопје, 29.06.2017г. – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го одржа вториот јавен состанок за 2017 година. Во воведниот дел, директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски ги презентираше активностите коишто Агенцијата ги реализираше во изминатото тромесечие.

Покрај извршените редовни надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и издавачите на печатени медиуми, реализирани се и голем број на вонредни надзори реализирани по службена должност за повеќе законски одредби, вклучувајќи го членот 61 (начела за вршење на дејноста) и членот 48 од ЗААВМУ (забрана за говор на омраза), пришто кај една телевизија е констатирано прекршување на начелата за вршење дејност, додека кај друга поттикнување дискриминација по етничка припадност и врз основа на припадност на маргинализирана група. Вкупно 21 мерка – опомена е изречена на радиодифузерите, 4 мерки-опомена на кабелските оператори и 2 мерки-опомена на издавачи на печатени медиуми. Донесена е една Одлука за доделување дозвола за радио емитување на програмски сервис, музичко – говорно радио од општ формат, на македонски јазик, на локално ниво, на подрачјето на општина Кривогаштани, и една Одлука за објавување на јавен конкурс за доделување на една дозвола на непрофитна радиодифузна установа за радио емитување на програмски сервис на локално ниво, на ромски и македонски јазик, на подрачјето на општина Штип.

За потребите на Агенцијата, изработена е Студија за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за непрофитно радио на локално ниво, на подрачјето на општина Штип“, и Истражување за досегот на радиостаниците и за уделот во вкупната гледаност на телевизиските станици што емитуваат програма на државно ниво преку сателит или преку јавна електронска комуникациска мрежа и на телевизиските станици што емитуваат програма на регионално и локално ниво, за првите четири месеци од 2017 година. Во изминатото тромесечје, Агенцијата изработи и Анализа на поведените прекршочни постапки против радиодифузерите, операторите на јавна електронска комуникациска мрежа и издавачите на печатени медиуми во периодот од 1-ви јануари до 31-ви декември 2016 година, а од неодамна ја почна и подготовката на Стратегијата за развој на аудио и аудиовизуелната дејност за периодот 2018-2022 година.

Чувствувајќи ја потребата за дијалог, кој ќе води кон подобрување на состојбата во новинарството, а се поради континуираниот пад на почитувањето на новинарските стандарди, кои го сочинуваат темелот на новинарството и работата на медиумите, Агенцијата овој јавен состанок го посвети на професионалните новинарски принципи и начините за нивно подобрување. Со цел да се слушне мислењето на дел од фелата на оваа тема, свои излагања имаа Зоран Фиданоски, член на Советот на Агенцијата; Иван Мирчевски, претседател на Македонската медиумска асоцијација и директор на ТВ Канал 5; Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите и Дејан Георѓиевски, претседател на Центарот за развој на медиуми, кои ги пренесоа своите видувања и искуства за актуелните аспекти поврзани со медиумите, новинарската одговорност и начините како до повисоки новинарски стандарди во новинарството.

Заедничка констатација на сите учесници е дека новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат на чесен, објективен и точен начин, да истражуваат и да ја задржат етиката во информирањето. Професијата – новинар настојчиво да се унапредува, да се вложува во доедукација на новинарскиот кадар и квалитетот во начинот на информирање, преку формирање на така наречените „редакциски школи“ во рамки на медиумите. Медиумите и новинарите да бидат одраз на доверба и да го штитат јавниот интерес, непристрасни со интегритет, уредничка независност и саморегулација преку примена на морални санкции кон оние кои не ги почитуваат професионалните стандарди и Кодексот на новинарите. Да се овозможи стабилно финансирање на медиумите, а тие пак од друга страна сериозно да ја сфатат важноста на улогата која треба да ја имаат во општеството, односно неопходноста на граѓаните да им обезбедат различни вистинити и објективни информации и гледишта за сите општествено – политички прашања.

Презентациите од вториот јавен состанок може да се преземат на следниве линкови:

д-р Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата

Зоран Фиданоски, член на Советот на Агенцијата


Пријава за учество на вториот јавен состанок на Агенцијата за 2017 година 

Агенда за вториот јавен состанок на Агенцијата за 2017 година

 



Accessibility

Accessibility