1

Онлајн настан „Родово заснованото насилство во медиумите: состојба, насоки, мониторинг“

На 11 ноември 2021 година се одржа онлајн настанот „Родово заснованото насилство во медиумите: состојба, насоки, мониторинг“, којшто беше заеднички реализиран од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Коалиција Маргини и ХОПС – опции за здрав живот, а со поддршка на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје (во рамки на ЈУФРЕКС 2 проектот). Со оглед на фактот дека во текот на 2021 година, од различни чинители беа изработени и објавени повеќе документи кои се однесуваа на родово заснованото насилство (РЗН) и известувањето на медиумите, Агенцијата иницираше посебен онлајн настан којшто беше замислен и реализиран како можност сите заинтересиран чинители – медиумски работиници, вработени во АВМУ, претставници на Советот за етика во медиумите (СЕММ), на државни институции, како и на низа граѓански организации да се запознаат со прашањето на известувањето за родово заснованото насилство од повеќе аспекти.

На настанот, првиот сегмент беше посветен на начинот на известувањето на медиумите преку презентација на резултатите од истражувањето „Сексуалните малцинства, родот и медиумите: Анализа на медиумското покривање на темите поврзани со ЛГБТИ заедницата и родово заснованото насилство“ спроведено од Коалиција Маргини, со поддршка од Хајнрик Бел Фондацијата. Најпрвин г-а Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Маргини, ги претстави наодите од анализата на медиумското покривање на темите поврзани со ЛГБТИ заедницата, а г-а Елена Гаговска, авторка и истражувачка, се фокусираше на клучните наоди од студијата на случај за медиумското известување за случајот „Јавна соба“. Притоа, таа даде споредбена анализа на известувањето за овој случај на родово засновано насилство во 2020 и во 2021 година од која се покажа дека имало поместување во позитивна насока во начинот на известување што, меѓу другото се должи и на напорите на различни чинители за подигање на свеста кај медиумските работници.

Следниот аспект беа насоките за тоа како треба да известуваат медиумите. За таа цел, г-а Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ и г-а Ана Аврамоска Нушкова, правна советничка во Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, го презентираа „Прирачникот за родово сензитивно известување во медиумите“, изработен како дел од проектот „Со различен диксурс до подобра реалност, медиумите во борбата против родово базирано насилство – зајакнување на медиумската писменост за РБН“, имплементиран од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, во партнерство сo Коалиција Маргини, Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство во рамки на Регионалната програма на Европската Унија, UN Women Skopje и UN Women „Спречување на насилството врз жените и девојките: Имплементирање на норми – промена на ставови.“ На медиумите и родово заснованото насилство, односно на потребите и насоките за професионално известување, се осврна г-а Елена Петровска, проектна  координаторка во ХОПС.

Третиот аспект се однесуваше на мониторингот на медиумското известување за РЗН, при што г-а Емилија Петреска – Камењарова од АВМУ го презентираше „Водичот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за мониторинг на примената на стандардите за известување во случаи на родово засновано насилство во медиумите“. Овој документ, изработен од експертката на Советот на Европа Катарина Сарикакис во рамките на проектот ЈУФРЕКС2, во себе содржи: пресек на состојбата со РЗН во земјава; преглед на најважните меѓународни документи и на домашната легислатива; објаснување на значењето и на регулацијата и на саморегулацијата за известувањето за РЗН; обезбедува серија од прашања во однос на кои, при надзорот, треба да се анализира прилогот/програмата за која постои сомнеж дека не ги следи стандардите за известување за случаите на РЗН; дава јасни насоки за тоа како ќе се спроведува надзорот кои треба да им бидат познати и на медиумите со оглед на фактот дека тој е објавен и достапен на веб сајтот на регулаторното тело; и наведува добри практики што треба да се следат при известувањето. Овој водич, на 9 ноември, беше усвоен од Советот на Агенцијата.