1

Хроника од 33-та седница

СКОПЈЕ, 22.08.2012 – На денешната 33-та јавна седница СРД ја усвои Анализата на пазарот на радиодифузната дејност за 2011 година откако претходно претседателот на СРД, м-р Зоран Трајчевски пред присутните одржа презентација со клучните наоди.
Целата анализа наскоро ќе биде достапна во делот „Публикации“ на веб страницата на СРД.
Во продолжение СРД ги усвои извештаите од мониторинзите, извршени на трите програми на Македонско Радио: Првиот програмски сервис – Радио Скопје, Радио Два, Канал на етничките заедници. Мониторинзите покажаа дека во нити еден случај не бил прекршен Законот за радиодифузната дејност и подзаконските акти.
Не беа констатирани никакви прекршувања и во мониторингот на програмата на радиото Канал 77.
Разгледан беше и извештајот од мониторингот на програмата на Радио Рос Метрополис, а за утврдените прекршувања, СРД на овој радиодифузер му изрече две писмени опомени.  Точката со извештајот од мониторингот на програмата на радиото Антена 5, беше одложена за идната седмица при што ќе биде повикан и сопственикот на ова радио за лично да му биде укажано за пропустите.
СРД ја усвои информацијата во врска со постапувањето на радиодифузерите по изречените мерки на 23-та седница. Во оваа информација беше констатирано дека: ТВ Сител 3, ТВ Канал 5 Плус и ТВ Алфа ја извршиле мерката „писмена опомена“.
Бидејќи Наша ТВ ја нема извршено оваа мерка, СРД одлучи на овој радиодифузер да му остави рок од 7 дена за нејзино извршување, во спротивно ќе поведе прекршочна постапка.
СРД одлучи да упати допис до сите оператори на јавни комуникациски мрежи да ги емитуваат оние македонски локални и регионални радиодифузери, коишто имаат дозвола за емитување на географското подрачје, што го покриваат соодветните оператори. Секое спротивно постапување, ќе се смета за повреда на ЗРД.