Хроника од 45-та седница

image_pdfimage_print

Скопје, 22.12.2022 година – На вчерашната 45та седница Советот на Агенцијата ги донесе Годишните планови за вршење програмски и административен надзор за 2023 година и ја усвои Програмата за работа на Агенцијата за 2023 година (со Програма на планирани активности и Финансиски план на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2022 година).

Советот на Агенцијата даде одобрување директорот на Агенцијата да донесе Одлука за доделување финансиска помош (донација) за радиодифузерите во 2023 година во висина од 25% од надоместокот за дозволата. Намалувањето на надоместокот за дозволата ќе се пресметува само на оние радиодифузери (комерцијални и непрофитни) кои во моментот на донесувањето на оваа Одлука имаат дозвола за телевизиско или радио емитување на територијата на Република Северна Македонија.

Покрената  е постапка за одземање на дозволата за телевизиско емитување на ТРД телевизија ИРИС ДОО Штип, поради прекршување на член 62 став 6 од ЗАВМУ и член 22 од Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување, односно не исполнување на минималните кадровски услови.

Согласно Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси 2021-2025 донесена од Државната комисија за спречување на корупција, Советот на Агенцијата даде одобрување директорот на Агенцијата да донесе Годишен план за спречување на корупција на АВМУ за 2023 година и Годишен план за проценка на ризици од корупција на АВМУ за 2023 година.

Врз основа на констатации од надзор, Советот на Агенцијата изрече шест мерки јавни опомени, и тоа на:

ТРД Т.В. КАЛТРИНА Струга ДООЕЛ за прекршување на:

  • Член 50 став 3 од ЗААВМУ и член 19 од Правилникот за заштита на малолетните лица – емитувана играна серија без соодветна преупредувачка сигнализација пред почетокот и без класификациска ознака за категоријата програма во текот на целото времетраење;
  • Член 51 став 1 од ЗААВМУ – необезбедување информации што треба да се достапни на корисниците;
  • Член 92 ставови 1 и 3 од ЗААВМУ – неемитување на најмалку 30% програма изворно создадена како македонски аудиовизуелни дела нити пак најмалку половина од законскиот минимум изворно создадена програма како македонски еудиовизуелни дела го емитува во период од 07,00 до 19,00 часот; и
  • Член 14 од Законот за медиуми – необјавување податоци за импресум, што радиодифузерот е должен да ги емитува на соодветно место за секоја содржина од програмскиот сервис.

ТРД ПРОТЕЛ ДООЕЛ Пробиштип за прекршување на:

  • член 64 став 1 од ЗААВМУ член 64 став 1 од ЗААВМУ, односно необезбедување превод на македонски јазик.

Операторот на ЈЕКМ КАБЛЕКАЛЛ ДООЕЛ Кичево за прекршување на:

  • член 143 став 2 од ЗААВМУ – за реемитување на програмски сервис за кој не се регулирани авторски и сродни права.

Советот на Агенцијата достави и Информација до МВР – Центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал за постоење сомневање за повреда на авторските права и сродните права од страна на операторот на ЈЕКМ КАБЛЕКАЛЛ ДООЕЛ Кичево.

Советот на Агенцијата заклучи да покрене прекршочни постапки против ТРД АЛСАТ-М ДОО Скопје, Универзитетско радио СТУДЕНТ ФМ 92.9 – Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ Скопје и Операторот на ЈЕКМ ТОТАЛ ТВ ДОО Скопје. Врз основа на контролен програмски надзор е утврдено дека ТРД АЛСАТ-М ДОО Скопје не постапил по Решението за изрекување мерка јавна опомена и не ја отстранил повредата на член 98 став 2 од ЗААВМУ и член 14 став 2 од Правилникот за нови рекламни техники, односно емитувал поп-ап/реклами на поделен екран што покриваат суштински дело од дејството – ликовите, додека кај Универзитетско радио СТУДЕНТ ФМ 92.9 – Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје со редовниот административен надзор повторно е констатирано прекршување на член 51 став 1 од ЗААВМУ односно необезбедување информации што треба да им се направат достапни на корисниците. Со редовниот програмски надзор кај операторот ТОТАЛ ТВ е констатирано дека во својот програмски пакет ги нема обезбедено програмските сервиси на јавниот радиодифузен сервис што е спротивно на член 143 став 3 од ЗААВМУ.

Врз основа на добиено Барање за покренување на кривична пријава до надлежни органи од страна на ТРД КАНАЛ 5 ДООЕЛ Скопје, со кое бараат да се поднесе кривична пријава до надлежно јавно обвинителство против правното лице оператор EON TV International Ltd, Limassol Kipar, Советот на Агенцијата донесе Заклучок до Министерството за внатрешни работи – Центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал да достави Информацијата за постоење сомневање на сторена повреда на авторските права и сродните права.

На оваа седница Советот на Агенцијата одобри директорот на Агенцијата да донесе Одлука за исплата на парична помош – надоместок за смрт на член на потесно семејство на вработен во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.



Accessibility

Accessibility