Трет јавен состанок за 2016 година

Скопје, 27.09.2016г. – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го одржа третиот јавен состанок за 2016 година. За спроведените активности согласно Годишната програма за работа говореше д-р Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата, кој подробно ги образложи активностите поврзани со реализираните надзори, изречените мерки-опомена на радиодифузерите, операторите на јавни комуникациски мрежи и печатените медиуми, како и барањата за поведување прекршочна постапка.

Посочи дека Советот на Агенцијата донесе две одлуки за одземање на дозвола за радио емитување, беше донесена  Одлука за објавување на јавен конкурс за доделување на 1 дозвола за радио ремитување на локално ниво, на подрачје на општина Куманово, а 3 радиодифузери се избришани од регистарот на радиодифузери. Ги спомена низата активности на полето на европска интеграција и меѓународна соработка, нагласувајќи ја посетата на Агенцијата на Собраниската комисија за култура и медиуми во Парламентот на Р. Бугарија, при што Агенцијата ги презентираше надлежностите, финансирањето, начинот на обезбедување независност и начинот на избор на органите на Агенцијата. Пратениците имаа можност да се запознаат и со законските одредби и процесот на издавање дозволи за радиодифузерите во Република Македонија.  Додаде дека Агенцијата и во овој период постапуваше по поднесените предлози и претставки, односно редовно и во рок постапено е по 5 поднесени претставки. Владата на РМ, на предлог на Агенцијата има донесено 1 Одлука за ослободување од плаќање радиодифузна такса, на вкупно 7 домаќинства, кои не се покриени со радиодифузните сигнали на ЈП Македонска радиодифузија, преку кои се емитуваат програмските сервиси на МРТ и 9 Одлуки за определување на обврзници кои ќе плаќаат радиодифузна такса поради обезбедено покривање со радиодифузни сигнали на ЈП Македонска радиодифузија.

Информираше за извештаите и истражувањата реализирани во изминатиот период: Извештајот за преземените активности на Агенцијата во насока на следење на сопственичката структура на радиодифузерите и на нивните обврски во поглед на транспарентноста на сопственоста и на изворите на финансирање во периодот од 01 јануари до 30 јуни 2016 година, Студијата за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за радио емитување на локално ниво, на подрачјето на град Гостивар и Студијата за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување на државно ниво преку терестријален предавател. Агенцијата го реализираше Истражувањето за досегот на радиостаниците и за уделот во вкупната гледаност на телевизиските станици што емитуваат програма на државно ниво преку сателит или преку јавна електронска комуникациска мрежа и на телевизиските станици што емитуваат програма на регионално и на локално ниво, втор квартал од 2016 година, а беше изработенo и истражувањето за родови прашања, чии резултати ќе бидат презентирани на посебен настан што ќе го организира Агенцијата до крајот на годината. Појасни дека Агенцијата започна со реализацијата на истражувањето – Телевизијата и лицата со сетилна попреченост – понуда и потреби, а Извештајот од ова истражување ќе биде комплетиран до крајот на годината.

На состанокот беше презентирана и Нацрт верзијата на Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2015 година, изработена од Агенцијата. Таа ќе биде објавена на веб страната на Агенцијата и сите засегнати страни во наредните 7 дена ќе можат да дадат свои сугестии и предлози, коишто доколку се прифатливи, Агенцијата ќе ги вгради во конечниот текст. Крајната цел е што поголема транспарентност и подобрување на самиот текст. Во оваа анализа се претставени податоците за 2015 година за економските перформанси на радиодифузерите, податоци за моделите на коишто публиката во Македонија ги користи медиумите, ставовите и мислењето на публиката за понудата на домашните телевизии, начинот на којшто го прима телевизискиот сигнал и бројот на радиодифузери во анализираната година.

Презентациите од третиот јавен состанок се достапни на следниве линкови:

д-р Зоран Трајчевски

м-р Магдалена Давидовска Довлева

Нацрт-Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2015 година може да се преземе на следниот линк

Добиените ставови и мислења и ставот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за третиот јавен состанок за 2016 година можат да се преземат тука

 


Агенда за третиот јавен состанок на Агенцијата за 2016 година

Пријава за учество на третиот јавен состанок на Агенцијата за 2016 година



Accessibility

Accessibility