Хроника од седмата седница

Скопје, 07.08.2025 – На седницата одржана на 7 август 2025 година, Советот на Агенцијата донесе Одлука за доделување дозвола за радио-емитување на програмски сервис – музичко радио од специјализиран формат, во кое емитуваната музика е доминантно популарна и на македонски јазик. Дозволата е доделена на правното лице ТРД „Буба Мара“ Ранко ДООЕЛ Скопје, за емитување на локално ниво на подрачјето на општина Штип. Радио програмскиот сервис ќе се емитува на фреквенција 105,3 MHz, определена од Агенцијата за електронски комуникации, со важност од девет години и без можност за пренос на друго лице.

Советот донесе и Одлука за доделување дозвола за радио-емитување на говорно-музички програмски сервис со претежно информативен, општ формат, на албански и македонски јазик. Радио програмскиот сервис ќе се емитува на фреквенција 104,2 MHz, на локално ниво во општина Струга. И оваа дозвола се доделува за период од девет години и не може да се пренесува.

Советот го разгледа Писмениот извештај за редовен програмски надзор и донесе заклучок на ТРД ТВ „Канал Феста“ ДООЕЛ Куманово да му се изрече мерка – јавна опомена. Причината е прекршување на член 50 став 3 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на членовите 20 и 21 од Правилникот за заштита на малолетните лица, бидејќи е употребена неправилна предупредувачка сигнализација која не е пропишана.

Истиот радиодифузер доби уште една јавна опомена, откако Советот го разгледа Писмениот извештај за редовен административен надзор, во кој е евидентирано прекршување што се однесува на необјавување импресум за две програми, што претставува повреда на член 14 од Законот за медиуми.

Советот даде одобрување директорот на Агенцијата да донесе одлука за обезбедување финансиски средства за две набавки со вредност под праговите за примена на Законот за јавни набавки. Првата набавка се однесува на молерофарбарски услуги, а втората – на одржување кафемати.

 



Accessibility

Accessibility