Скопје, 20 октомври 2025 година – На 15. седница, одржана на 20 октомври 2025 година, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги утврди прекршување на член 76-б став 3 од Изборниот законик кај ТРД 24 Вести ДООЕЛ Штип и ТРД Вистел ДООЕЛ Скопје, поради емитување содржини за време на изборниот молк во кои се појавуваат носители на функции во органите на власта, односно изјави од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Поради прекршувањето, Советот заклучи да се покренат прекршочни постапки против двата радиодифузери.
Советот, исто така, донесе одлука на Глобалсат ДООЕЛ Скопје да му се изрече мерка јавна опомена, поради реемитување на странски програмски сервиси кои не се опфатени со потврдата за регистрација издадена од Агенцијата, спротивно на одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Покрај тоа, Советот ги разгледа Кварталните извештаи за работата на Агенцијата за периодот од 1 јули до 30 септември 2025 година, и даде одобрение на директорот да спроведе постапки за јавни набавки за услуги поврзани со истражување на мислењето на публиката, како и за водоинсталатерски и електричарски услуги, предвидени во Годишниот план за јавни набавки и Финансискиот план на Агенцијата за 2025 година.