Хроника од 15-та седница

Скопје, 04.04.2025г. – На 15-та седница одржана на 04.04.2025г., Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги донесе повеќе одлуки, и тоа:

Советот донесе Одлука за поништување на претходната Одлука за одземање на дозволата на ТДРД ТВ ШУТЕЛ ДООЕЛ Скопје, откако радиодифузерот во целост ги исполни финансиските обврски кон Агенцијата. ТВ ШУТЕЛ се задолжува најдоцна до 11.04.2025 година да ја повлече тужбата поднесена до Управниот суд. Одлуката за поништување ќе стапи во сила на истиот датум, под услов да се достави доказ за повлекување на тужбата. Доколку тоа не се случи, претходната Одлука за одземање на дозволата останува во сила.

Советот покрена постапки за одземање на дозволите за телевизиско емитување на ТЕЛЕВИЗИЈА СОНЦЕ ДООЕЛ, Прилеп поради неплатен годишен надоместок за дозволата за телевизиско емитување и КЛАН МАЦЕДОНИА ДООЕЛ Сарај, Скопје поради неплатен годишен надоместок за дозволата за телевизиско емитување и неисполнување на минималните кадровски услови утврдени во Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување. Доколку обврските не се исполнат, Советот ќе донесе одлуки за одземање на дозволите во рок од 15 дена.

Советот го разгледа Писмениот извештај за извршен вонреден програмски надзор и донесе Заклучок на непрофитната радиодифузна установа – Универзитетско радио УГД ФМ од Штип да ѝ се изрече мерка јавна опомена, поради прекршување на член 67 став 6 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Радиодифузерот, во периодот од 10 до 16 февруари 2025 година, не реализирал најмалку 80% од програмскиот концепт утврден со дозволата. На радиодифузерот му се наложува во рок од 20 дена од приемот на Решението да го усогласи работењето со законските одредби.

Советот даде одобрување за спроведување на постапки за: Јавна набавка на услуга: Приватно здравствено осигурување и Јавна набавка на стока: Модернизација на сервер сала согласно Годишниот план за јавни набавки за 2025 година и Финансискиот план на Агенцијата.

Со одлука на Советот, одобрено е оттуѓување на службен мобилен телефон што го користело поранешно вработено лице во Агенцијата. Лицето е задолжено да изврши уплата на износ кој ја претставува вредноста на уредот со пресметана амортизација.

 

 



Accessibility

Accessibility