Скопје, 10.04.2025г. – На 16-та седница одржана на 10 април 2025 година, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги разгледа повеќе извештаи од извршени редовни и контролни административни и програмски надзори, при што донесе одлуки за изрекување мерки јавна опомена, како и за поведување прекршочна постапка против еден радиодифузер.
На ТРД Клан Македонија ДООЕЛ експорт-импорт Сарај Скопје му се изречени четири јавни опомени, и тоа:
- за необјавување импресум во образовни и актуелно-информативни емисии;
- за емитување програма од трета категорија во несоодветен термин;
- за необјавување информации што треба да се достапни за корисниците;
- за неисполнување на обврската за емитување минимум 30% македонски аудиовизуелни дела.
ТРД Компани 21-М ДООЕЛ Скопје доби три јавни опомени:
- за необјавување импресум во две емисии;
- за прикриена аудиовизуелна комерцијална комуникација во актуелно-информативно говорно шоу;
- за неисполнување на обврските поврзани со наградни игри и употреба на телефонски услуги со додадена вредност.
ТРД ТВ Шења ДООЕЛ Скопје доби две јавни опомени:
- за необјавување импресум на документарна програма;
- за неисполнување на обврската за емитување минимум 30% македонски аудиовизуелни дела.
Јавна опомена доби и Радиодифузното друштво Наша ТВ ДООЕЛ Скопје, поради прекршување на одредбите за времетраење меѓу поп-ап реклами на поделен екран во три емисии.
Покрај тоа, против ТРД ТВ ДУЕ Назми ДООЕЛ Гостивар е поведена прекршочна постапка, бидејќи по претходно изречена мерка – јавна опомена, не ја отстранил повредата туку продолжил со неусогласена предупредувачка сигнализација за заштита на малолетните лица при емитување програми од различни категории.
Сите радиодифузери се задолжени во пропишаните рокови да го усогласат своето работење со релевантните одредби од Законот за медиуми, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и со подзаконските акти донесени врз основа на него.