Скопје, 08.05.2025г – На денешната 19та седница, Советот на Агенцијата донесе Одлука за објавување на јавен конкурс за доделување на една дозвола за радио емитување на локално ниво, на подрачјето на општина Струга. Станува збор за програмски сервис говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат, на албански и македонски јазик, што ќе се емитува преку радиофреквенција 104.2 MHz, определена од Агенцијата за електронски комуникации. Дозволата ќе се додели за период од девет години и нема да може да се пренесува на друго лице.
Исто така, беше донесена Одлука за објавување на јавен конкурс за доделување на една дозвола за радио емитување на локално ниво во општина Штип. Радиото ќе биде со специјализиран музички формат со доминантно популарна (забавна) музика на македонски јазик и ќе се емитува на фреквенција 105.3 MHz. Дозволата ќе важи девет години и нема да биде пренослива.
Советот го усвои Нацрт-правилникот за формата и содржината на пријавата за упис во Регистарот на издавачи на онлајн медиуми-интернет портали и за начинот на водење на Регистарот, со предложениот текст. Истиот ќе се објави на веб-страницата на Агенцијата за јавна расправа во траење од 15 дена, со цел сите заинтересирани страни да можат да ги изразат своите мислења и ставови.
Дополнително, беше усвоен и Нацрт-образецот за доставување податоци за обезбедување јавност во работењето на издавачите на онлајн медиуми (образец СУЕ/2). И овој документ ќе биде објавен за јавна расправа од 15 дена.
Советот покрена постапка за одземање на дозволата за телевизиско емитување на Трговското радиодифузно друштво ТВ ШЕЊА ДООЕЛ Скопје, поради неплатен годишен надоместок за дозволата. Доколку обврската не се подмири, Советот ќе донесе одлука за одземање на дозволата во рок од 15 дена од приемот на Предлогот за покренување постапка.
На седницата беше разгледан и Писмениот извештај за извршен вонреден административен надзор кај ТРД ТВ ДУЕ Назми ДООЕЛ Гостивар. Поради необјавен импресум на повеќе програми емитувани на 25 март 2025 година, му беше изречена мерка јавна опомена. Радиодифузерот е задолжен во рок од 20 дена да го усогласи своето работење со одредбите од Законот за медиуми.