СКОПЈЕ, 20.12.2011 – На 20тата седница Советот за радиодифузија ја симна од дневен ред точката поврзана со Информација за почитувањето на член 11 од Законот за радиодифузна дејност од страна на трговските радиодифузни друштва, заради дополнително собирање на податоци.
Постапувајќи по добиена претставка и спроведен мониторинг на програмата на ТВ Сител беше констатирано дека репризите на епизодите од серијалот „Долина на волците“ се емитуваат во несоодветен термин, при што испрати укажување до ТВ Сител да го прилагоди емитувањето на програмски содржини со прекумерно насилство по 22 часот. Исто така членовите на СРД заклучија на состанок во СРД да повикаат претставници од ТВ Сител за и лично да им се укаже на пропустите во однос на заштитата на малолетната публика.
Советот донесе одлука да испрати допис до Наша ТВ, Сител, Алсат М и Џангл ТВ, каде што ќе бара од нив во рок од 7 дена да ги извршат изречените мерки писмени опомени со барање за објавување, во споротивно СРД ќе покрене барање за прекршочна постапка против овие медиуми.
СРД го усвои Нацрт-планот за работа на СРД за 2012 година и Предлог- финансискиот план на СРД за 2012.
Извештајот за плурализмот во вестите на Јавниот радиодифузен сервис МРТ, не беше усвоен.
Беше усвоена информацијата за отстранета медиумска концентрација кај РА Метрополис, а беше прифатена и информацијата за преземените активности на РА Скај плус од Берово во насока на отстранување на недозволена медиумска концентрација. Со оглед на тоа што радиодифузерот во предвидениот рок презел активности во насока на отстранување на недозволената медиумска концентрација, а времетраењето на постапката за отстранување на пречките за вршење радиодифузна дејност не зависи од него, туку од динамиката на активностите на судот и дека СРД треба да почека до завршувањето на стечајната постапка за да донесе конечна одлука.
СРД исто така ја усвои предложената Анализа на структурата на вработените во радиодифузната индустрија.
На седницата беше утврдено дека ТВ Здравкин од Велес го поправила дефектот со својот предавател и дека повторно зрачи, а беше кажано дека ќе се даде рок од 30 дена на ТВ канал 21 да ги отстрани сите дефекти и наместо преку кабел, да се емитува терестријално. Беше заклучено дека е потребно да се реализира посета и на двете комерцијални локални телевизии.
Советот одлучи да го усвои барањето на ТВ Ера, да му даде налог на Извршителот на определен период да се одложи извршувањето.
Усвоено беше барањето на заменикот-претседател м-р Милаим Фетаи за одобрување средства за трошоци за оценка и одбрана на неговата докторска дисертација.