Скопје 12.06.2024г. – На 26та седница, Советот на Агенцијата ги усвои Упатството за примена на одредбите за пласирање на производи и Правилникот за пристапност до медиумските услуги. Воедно, Советот го усвои и Нацрт-правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за емитување европски аудиовизуелни дела и дела од независни продуценти, кој го објави на веб-страницата на Агенцијата со цел да обезбеди јавна расправа во траење од 75 дена, односно да им овозможи на сите заинтересирани страни да ги изразат своите мислења, гледишта и ставови.
Против Друштвото за трговија и услуги ТОТАЛ ТВ ДОО Скопје, Советот на Агенцијата заклучи да се покрене прекршочна постапка пред надлежниот суд бидејќи со надзорот е констатирано дека наведениот операторот во својот програмски пакет ги нема обезбедено програмските сервиси на јавниот радиодифузен сервис односно не врши реемитување на програмските сервиси „МРТ 2“, „МРТ 4“ и „МРТ 5“ што е спротивно на член 143 став 3 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Советот донесе и Решение за бришење од регистарот на радиодифузери за радиодифузерот Телевизија 3 ДООЕЛ Скопје.
За потребите на Агенцијата и согласно Планот за јавни набавки за 2024 година, Советот одобри спроведување на постапки за јавна набавка на услуги: биро за превод и превентивно и адаптивно одржување на системот за автоматско управување со документи.