Скопје 18.07.2024г. – На вчерашната 29-та седница Советот на Агенцијата покрена постапка за одземање на дозволата за радио емитување на ТРД БАЛКАН ФМ РАДИО ДООЕЛ Гостивар, поради неисполнување на обврската од член 80 став 5 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно неплаќање на годишниот надоместок за дозволата за радио емитување.
Врз основа на констатации од надзор, Советот на Агенцијата заклучи да им изрече мерка јавна опомена на следниве радиодифузери:
- ТРД РАДИО ПРО-ФМ ДОО Гостивар за прекршување на член 15 став 5 од Законот за медиуми, затоа што во законски предвидениот рок не доставил до Агенцијата писмен извештај за спроведувањето на обврските утврдени во дозволата за радио емитување, особено за спроведувањето на програмскиот концепт, ниту информација за техничките средства преку кои се емитува или реемитува програмскиот сервис во државата или надвор од неа;
- ТРД ТВ ГУРРА ДООЕЛ Кичево за прекршување на член 51 став 1 од ЗААВМУ затоа што на 28 мај 2024 година, односно необезбедување информациите што треба да им се направат достапни на корисниците и за прекршување на член 92 ставови 1 и 3 од ЗААВМУ за неемитување најмалку 30% програма изворно создадена како македонски аудиовизуелни дела, ниту пак најмалку половина од законскиот минимум изворно создадена програма како македонски аудиовизуелни дела, емитувани во периодот од 7,00 до 19,00 часот.
Советот ги усвои Нацрт-правилникот за измена и дополнување на Правилникот за спонзорство, Нацрт-правилникот за измена и дополнување на Правилникот за заштита на малолетните лица, Нацрт-водичот за мониторинг на говорот на омраза – второ дополнето и изменето издание и Нацрт-правилникот за физичките лица даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање. Сите Нацрт документи се објавени на веб страницата на Агенцијата со цел да обезбеди јавна расправа, односно да им овозможи на сите заинтересирани страни да ги изразат своите мислења, гледишта и ставови.
Советот на Агенцијата донесе Заклучок, Агенцијата аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да изработи Студија која ќе ја утврди оправданоста за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување на програмски сервис со претежно информативен општ формат или општ формат со сите три медиумски функции (информативна, образовна и забавна), на државно ниво, преку дигитален терестријален мултиплекс, особено од аспект на исполнувањето на целта на ЗАВМУ, како и од аспект на потребата на публиката, во рок од 60 дена.
Точките 11 и 12 од Дневниот ред за 29-та седница беа одложени за првото продолжение на 29-та седница.