СКОПЈЕ, 24.07.2012 – На денешната 29-та седница СРД ги поништи одлуките за одземање на дозволите на одредени радиодифузери, поради неплаќање на надоместокот за дозволата, бидејќи во меѓувреме овие радиодифузери го платиле надоместокот и повеле постапка пред Управниот суд. Врз основа на Законот за радиодифузната дејност, Законот за општа управна постапка и Законот за управните спорови СРД ги поништи одлуките за одземање на дозволите на следните радиодифузери:
– Радио Мх – Охрид;
– Радио Беса – Долнени;
– Радио Пехчево –Пехчево;
– Нова – Куманово;
– Гаудеамус Класик ФМ, Мартин – Скопје;
– Телевизија КРТ – Скопје;
Во продолжение СРД ги разгледа извештаите од мониторингот на првиот и вториот програмски сервис на МТВ и ги донесе следните казнени мерки и укажувања:
– МТВ 1: две писмени опомени;
– МТВ 2: една писмена опомена и две укажувања.
Поради непочитување на изречената мерка „писмена опомена со барање за објавување“, СРД одлучи да покрене прекршочни постапки против: ТВ Алсат-М и Радио Рос Метрополис.
СРД одлучи да ја прекине постапката за одземање на дозволата за вршење радиодифузна дејност на ТВ Шутел. Мониторингот на СРД покажа дека во предвидениот рок од 15 дена овој радиодифузер го усогласил работењето согласно форматот, предвиден во дозволата.
Во однос на барањето за мислење, доставено од Советот на Собранискиот канал за техничката реализација на двојниот тон (на македонски и албански јазик), СРД заклучи:
– Постојниот начин на емитување на Собранискиот канал на два аудио канали, односно на македонски и на албански јазик е добро решение од програмски аспект и е во согласност со стандардите за човековите права и слободи гарантирани со Уставот на Република Македонија и со меѓународните договори што ги ратификувала Република Македонија;
– Најголем дел од проблемите од технички аспект, поврзани со можностите за прием на двата аудио канали ќе се надминат со започнатиот процес на дигитализација на терестријалниот пренос на телевизиски програмски сервиси, што треба да заврши со исклучување на аналогните земски предаватели и репетитори на 1 јули 2013 година;
– Емитувањето на собраниските активности е од јавен интерес, им овозможува на граѓаните да бидат информирани, а на Собранието да биде транспарентно и одговорно, што е неопходно во секоја демократија, затоа Собранискиот канал треба да биде must carry обврска на операторите на јавни комуникациски мрежи, односно нивните програмски пакети, задолжително и бесплатно да го содржат и овој телевизиски сервис.
Дополнително СРД ги зазеде следните ставови:
– Според стандардите за емитување ваков вид сервиси во развиените земји кои имаат ваква традиција, Собранискиот канал треба да биде специјализиран сервис на МРТ, независен од Собранието на Република Македонија, за кој програмската, односно уредувачката одговорност ќе ја има јавниот радиодифузен сервис;
– Советот на Собранискиот канал треба да се грижи за остварување на мисијата на овој канал, но никако и за неговите карактеристики како програмски сервис, ниту пак треба да одлучува за неговото секојдневно работење.